ПЕТАР КОЛЕВ: СИТЕ ЗАЕДНО ТРЕБА ДА РАБОТИМЕ НА ПОПУЛАРИЗИРАЊЕТО НА КОНЗЕРВАТИВНИТЕ ИДЕИ

„Се надевам со вашата работа со вашиот ангажман и со вашата соработка со политичари, аналитичари и со членови на Тинк-Тенк групи и платформи ќе успеете да го популаризирате конзерватизмот и тука во Македонија. За жал многу често се судруваме со непознавањето на конзерватизмот во нашето општество и се надевам дека оваа ваша иницијатива ќе помогне што е можно повеќе особено млади луѓе, што се и иднината на Р. Македонија, да се запознаат со нашата идеологија и таа да стане дел од политичкиот живот на Р. Македонија“, изјави Петар Колев  во своите воведни зборови пред почетокот на дебатата „Разбирајќи го конзерватизмот“ каде што претседателот на Граѓанско демократската унија беше гостин дебатер.
Колев додаде дека за жал до сега конзервативците не биле претставени во македонскиот парламент како дел од идеолошка конзервативна партија, и покрај тоа што во некои политички партии одредени членови ја негувале таа идеологија. Претседателот на ГДУ го определи тоа како една од основните причини зошто конзерватизмот и не е така застапен во Р. Македонија. Како причина за тоа, Колев ја истакна силната индивидуалност на конзервативците и нивните потешкотии да работат во тим.
„Сите заедно треба да се насочиме кон тоа да го претставиме конзерватизмот како идеја која ќе ги мотивира конзервативците да работат заедно во една целина и така конзерватизмот да биде застапен во македонскиот парламент“, изјави Петар Колев, претседател на Граѓанско демократска унија-ГДУ.