Петрич ќе одбележи 100 години од Петричкиот инцидент со богата тридневна програма
Општина Петрич и Историскиот музеј во градот подготвија серија од настани по повод 100-годишнината од Петричкиот инцидент од 1925 година. Одбележувањето ќе се одржи од 17 до 19 октомври 2025 година и ќе вклучи книжевни, научни и културни активности, изложби и историска реконструкција, јавува Пиринско.
Програмата ќе започне на 17 октомври (петок) во Историскиот музеј – Петрич, каде во 17:00 часот ќе биде претставена книгата „Војната за Петрич 1925“ од авторите Димитар Јаков, Илијан Ацев и арх. Иван Стојчев. Подоцна, во 18:30 часот, во IV ОУ „Христо Смирненски“ ќе се одржи настанот „Без/гранична памет“, подготвен од музејот и училиштето. Во рамките на програмата ќе биде промовиран и уметничко-историскиот расказ „Дарежливо петричко срце“, посветен на петричаните кои пред еден век донирале средства за изградба на училиштето.
На 18 октомври (сабота), во 10:00 часот, музејот ќе биде домаќин на научна тркалезна маса на тема „Памет и историски поуки“, организирана од Обштина Петрич, Македонскиот научен институт и музејот. Попладнето, во 17:00 часот, ќе биде отворена изложбата и фото-албумот „НЕобјавената војна – 100 години од грчко-бугарскиот вооружен конфликт од октомври 1925 година“.
Централните настани ќе се одржат на 19 октомври (недела) кај планинарскиот дом „Беласица“, каде програмата ќе започне во 11:00 часот со официјално отворање. Во 12:00 часот ќе следи вистинска историска реконструкција на случувањата од 1925 година, по што ќе има раздавање на курбан за здравје и музичка програма со локални изведувачи.
За време на настаните ќе биде воведена привремена организација на сообраќајот. Од 9:00 до 13:00 часот движењето ќе биде еднонасочно во насока кон хижа „Беласица“, а од 13:00 до 17:00 часот – кон град Петрич. Паркингот кај хижата ќе биде достапен само за учесници и официјални гости, а редот ќе го одржува Општинската служба за безбедност.