| |

Петрова: Балканот треба сам да ја определува својата иднина преку стабилни партнерства и стратешко поврзување

Балканот треба да ги искористи своите можности и сам да ја определува својата иднина преку стабилни партнерства, стратешко поврзување и отпорни општества, изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова на меѓународната конференција „EU Meets the Balkans“ во Софија.

„Главното достигнување на Европа е нејзината способност да ги претвора границите во мостови. Навистина можеме да го направиме истото и тука. Не само како визија за иднината, туку како неопходност на сегашноста“, истакна Петрова.

Таа посочи дека стратешкото поврзување е важен инструмент за надминување на зависностите и зајакнување на безбедноста.

„Бугарија може да биде врата кон Европа и клучна пресечна точка на вертикалното и хоризонталното поврзување во транспортот, енергетиката и дигиталните врски, вклучително и преку развојот на стратешкиот Коридор VIII и претстојниот Регионален форум за поврзување, чиј домаќин ќе биде Бугарија“, рече Петрова.

Според неа, членството во Европската Унија е клучно партнерство за земјите од регионот, а европската интеграција треба да продолжи да се темели на сопствените заслуги. Таа оцени дека напредокот на Албанија и Црна Гора покажува оти политичката волја и реформите носат резултати.

Петрова нагласи дека придобивките од членството треба да стигнат до граѓаните уште пред формалното завршување на процесот, преку инструменти како плановите за раст на ЕУ, SEPA и принципот „Роаминг како дома“.

Во однос на проширувањето на ЕУ, таа истакна дека забрзувањето на процесот не смее да биде на сметка на неговите критериуми.

Како главни приоритети за регионот Петрова ги наведе забрзувањето на европската интеграција врз основа на заслуги, изградбата на стратешко поврзување, зајакнувањето на отпорноста на хибридни закани, мешање и напади врз критичната инфраструктура, продлабочувањето на економската соработка и инвестициите во луѓето.

Слични Објави