БЕРЛИНСКИОТ ПАДНА, ДА ЖИВЕЕ СКОПСКО-СОФИСКИОТ ЅИД!

Хистерија, навреди, престрелки и искрена злоба циркулираат веќе месеци на ред преку непостоечката пруга Скопје-Софија. Нема како „енергијата“ на омразата е преголема па дури тој „железнички“ транспорт е минорен, та дел од отровните стрели минуваат преку граничниот премин „Клепало“. Не им се чека на тесното грло на преминот Делчево, иако за одење на одмор во Охрид или скијање во Банско, автомобилите заглавуваат со часови, но тие „пусти“ медиуми и „отровен“ интернет, оние технологии на 21-от век пиштат од „црвенило“ и омраза.

loading...

Каде сме бе ние роднини од двете страни на границата за вакви модерни технологии?

Дајте по стар обичај ние да си кренеме ѕид, па макар и да е скопско-софиски, остајте тоа западот што го сруши Берлинскиот.
Нам не ни треба ништо, ние се си знаеме, заглавени во Втората или Првата светска војна. Само забораваме дека овие отрови намачкани на остри јазици ги плукаме во лицата на сите оние кои години на ред се бореа рамо до рамо за слобода.

Ова семе на злото, кое денеска се сади на така плодниот терен помеѓу Скопје и Софија ќе роди таков „Франкенштајн“ што и најмудрите дипломати и најцврстите про-европски политичари нема да можат да го искорнат со години.
Ние имаме проблем и тоа многу сериозен проблем, кој лека полека ќе стане „факт“ во меѓународните дипломатски средини.
Договорите не ги „броиме“ за ништо, а правата кои излегуваат од нив се наша вродена привилегија. За жал, забораваме на обврските, но пак кој ли сака да си го товари секојдневието со решавање проблеми и правење на храбри чекори. Ние едноставно обожаваме да си стоиме во калта, нели таму е топло, влажно и безбедно, но забораваме за тоа дека во тие услови вегетираат и паразитите.

Овие мисли на политички и дипломатски „ерес“ денеска се самотни во македонското општество, дури често мразени и дисквалификувани, без притоа да се вникне во содржината. Ако до „вчера“ човек не можеше да дојде на ред да каже нешто нормално или позитивно за Бугарија, денеска секој обид е пречекан на „нож“. Сега е модерно да се качиш на бранот на анти-бугаризмот, да плукаш и навредуваш, мислејќи дека општеството ќе ти аплаудира, а популизмот ќе ти обезбеди лукративни политички поени. И тоа сигурно е така, но е многу опасно кога на грбот на тој полн со омраза политичко-дипломатски „Франкештајн“ ќе градиш лукративна кариера, која ќе се распадне како кула од карти со рушењето на скопско-софискиот ѕид.

Наредните генерации Македонци и Бугари како инжинери, лекари, научници, новинари и други интелектуалци ќе ги сметаат како отпад тие остатоци од омраза и ќе ги позиционираат на буништето на балканската историја.
Во вакви услови, нормалноста е исклучена, желбата за прогрес, добрососедство, пријателство и напредок, жигосана со печатот „предавник”, желбата да побараш причина и во себеси за овој проблем е непопуларна и политички лузерска.


loading...

Илинденците знаеле дека нема како да ја победат Отоманската империја, но кренале востание за да извикаат гласно СЛОБОДА за Македонија и Одрински, со јасна цел, да ги слушнат и во Париз и во Лондон и во Москва и во Виена.

Дали денес ќе се обидеме тие кои веруваме во македонско-бугарското пријателство да кренеме глас кој ќе се чуе и во Скопје и во Софија, зависи од тоа дали сме подготвени да загубиме некој друг глас и да бидеме жигосани како „предавници“!
Илинденците вложија и изгубија СЀ, некои го изгубија животот, други своите блиски, трети мораа да станат бегалци, четврти им беа запалени и уништени куќите и имотите, но го кренаа гласот за слобода.
Од нас не се бара таква сериозна жртва, едноставно да истрпиме малку навреди и дисквалификации, да ни падне малку рејтингот. Но пак ако успееме, радоста од тој успех ќе ги излечи „раните“ од отровните стрели, а идните генерации ќе бидат благодарни.

Автор: Петар Колев, претседател на ГраѓанскоДемократска Унија-ГДУ