Пицула: Србија бележи назадување во клучни области на патот кон ЕУ
Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, на пленарната дебата за годинешниот извештај за Србија изјави дека напредокот на земјата во реформите важни за членството во ЕУ значително се забавил, а во неколку клучни области, особено во владеењето на правото, е забележано назадување, јавува БГНЕС.
„Се забележува континуиран неуспех во целосното спроведување на изборните реформи, бидејќи сè уште постои проблем со изборната реформа и со избирачките списоци“, рече Пицула.
Тој нагласи дека српските власти и натаму го претставуваат членството во ЕУ како стратегиска цел, но дека постапките на политичкото раководство „често не го потврдуваат тоа“. Пицула посочи и дека нема напредок во истрагата за фаталното паѓање на настрешницата на влезот од железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Според него, толерирањето на „лажниот проевропски наратив“ на властите во Белград придонело за губење на довербата на граѓаните на Србија во ЕУ и нејзините институции.
„Убеден сум дека инсистирањето за отворање на Третиот преговарачки кластер, кој би ги обновил преговорите за пристапување на Србија кон ЕУ по четири години застој, беше неуспех“, изјави Пицула.
Тој додаде дека Србија е усогласена со надворешната политика на ЕУ само 63 отсто и укажа на зајакнувањето на врските на Србија со Русија и Кина.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека Европската комисија треба да види дека Србија покажува стратегиска посветеност и продолжува со реформите.
„Реформите во областа на владеењето на правото и почитувањето на демократските принципи и слободи ќе останат од клучно значење за напредокот на Србија на нејзиниот пат кон ЕУ“, рече Кос.
Таа истакна дека Србија треба да продолжи со изборните реформи на транспарентен и инклузивен начин, во согласност со препораките на БДИПЧ, да ја зајакне слободата на медиумите и да гарантира почитување на основните права и слободи.
Европратеникот Давор Иво Штир оцени дека Србија мора да разбере дека не може да напредува кон ЕУ ако одржува пријателски односи со противници на Унијата. Андреас Шидер, од групата на Европските социјалисти и демократи, изјави дека „има еден проблем на патот на Србија кон ЕУ и неговото име е Александар Вучиќ“, наведувајќи назадување во демократијата, медиумските слободи и транспарентноста.
Повеќе европратеници побараа слободни и фер избори во Србија, како и поддршка за студентското движење. Европскиот парламент на 8 јули ќе гласа за предлог-резолуцијата за напредокот на Србија во процесот на пристапување кон ЕУ, изготвена врз основа на извештајот на Пицула.

