Пинг-понг политиканство: од антиалбанство до антибугарство
Facebook статус на Никица Корубин
Индикативни се темите, со кои деновиве предизборно се занимаваат “македонските” vis a vis “албанските” политички партии. И додека едните расправаат за политичкиот модел на избор на претседател, другите се натпреваруваат во степенот на свежо разбуденото антибугарство, таман толкав за да се опструира секоја (потенцијална) шанса за уставни измени и неразбирливо инсистирање на влошување на односите со прв сосед, сегашен партнер во НАТО и иден партнер во ЕУ.
Да се апсолвира секоја можност навреме. Метафоричко “призивање на вето”, кога последните заклучоци на ЕУ за отпочнување на преговорите беа толку добри и поволни за нас и скриени од нас од нашата “јавност”. Ама, познати за “нашите”, кои баш добро се трудат да ја разгорат одново антибугарската кампања.
Но, пред да видиме чие “антибугарство е поголемо”, да се навратиме малку на моделот на избор на претседател, стара дебата, која сега на сцена ја враќаат албанските партии, и тоа по точно овој редослед: претседателскиот кандидат на ВЛЕН прв го објави како една од трите точки на кои ќе се темели неговата кандидатура: “избор на претседател во собрание, внесување на Бугарите во уставот и промена на формулацијата од 20% во уставот”, од кои две точки мистериозно исчезнаа од дебатата на “јавноста”, особено нејзиниот “проевропски дел”.
Тоа што веднаш следниот ден се надоврза ДУИ со “проширена и надградена” варијанта изборот на претседател во собранието да биде по Бадентеровиот принцип и со 2/3 мнозинство; само говори кој го диктира наративот, а кој го следи. А, пак тоа што сите македонски медиуми “ексклузивата”, манипулативно ја припишуваат само на ДУИ, говори пак, кому наративот (во целината од три точки) му пречи и каде одат “добро скриените” симпатии и (пост)изборни преференци.
Но, она што е интересно, на ниво на комичност е одбраната на постоечкиот модел на избор на претседател на непосредни избори, помогната од финесите на ДУИ, сведена на “највисок национален интерес” за Македонците, според ВМРО-ДПМНЕ. Прилично дискутабилно за партија која неколку месеци говореше дека изборите треба да се спојат “поради намалување на трошоците”, па “трошокот” на кој ги сведоа претседателските избори наеднаш станаа многу важни за граѓаните, всушност од партиска гледна точка, обична “завршна анкета” во пракса на кој суштински е сведен првиот круг на претседателските избори во услови на спојување на изборите, како што е сега случајот.
Ништо посериозно не стои ниту СДСМ, која на темата и приоѓа политикантски, а не суштински, иако имаше можност да се повика на еден од нивните “главни” коалициони партнери ЛДП, кои концептот на избор на претседател во Собранието, го има како темелна програмска определба многу одамна. И затоа изненадувачки е молкот на “либералите” на оваа тема и свесното откажување од самите себе, во име на предвидената “тежина” која треба да ја имаат во коалицијата и процесот на целосно претопување на овој начин.
Но, да се вратиме на антибугарството, кое така страсно, приземно, а истовремено перфидно се разгоруваа со заеднички сили. Од сите теми кои декларативно и суштински ги раздвојуваат, се чини дека оваа баш ги спојува. И ако ВМРО-ДПМНЕ доследно го брани параванот, жаргонски наречен “бугарски диктат” за блокирање на патот на државата кон ЕУ; како антибугарскиот наратив се вклопува во “европскиот пат” на кој е посветена СДСМ, нивните коалициони партнери и нивниот кандидат за претседател, а наш актуелен претседател?
Со мешање во внатрешните работи на Бугарија, нејзино инволвирање во нашата предизборна кампања и прекршување на нашиот сопствен устав? Кој да се потсетиме во членот 49 вели: “Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и нивните внатрешни работи”.
Веројатно некои се дискутабилно среќни што изнудија дипломатска реакција од Бугарија, со инсистирање на сите теми освен главната, која да не беше ВЛЕН, сакаа да заборавиме дека постои и дека ги чека сите до еден: уставните измени, за внесување на Бугарите во уставот, како последен чекор кон ефективното отворање на поглавијата за членство во ЕУ.
И пред да продолжат да се “грижат” за индивидуалните човекови права на Македонците во Бугарија и извршување на пресудите на Судот за човекови права во Бугарија; да видиме колку од пресудите на истиот суд, за прекршување на индивидуалните права на нашите граѓани во Северна Македонија се извршени? А, особено да видиме како со ова неодговорно поведение партиите ги загрозуваат елементарните човекови индивидуални права на секој од нас, со одземање на правото за подобар живот и во функционален европски систем, преку свесно опструирање и блокирање на евроинтеграциите.
Ако ништо друго, за да можеме да се увериме дека се целосно свесни и знаат дека граѓаните на Северна Македонија се тие кои ги бираат на избори, и дека државата за која треба да се грижат е Северна Македонија. А, не некојa друга држава.

