Платени агенти на српската пропаганда- македонски патриоти
Пишува: Зоранчо Маринков
Поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски пред два дена публикува пост на Фејсбук, во којшто платените агенти на српската пропаганда во Македонија од крајот на XIX век, ги прикажува како македонски патриоти. Груевски во неговиот пост се повикува на авторот Славко Димевски и неговата статија “Некои форми на здружување на македонското граѓанство и интелегенцијата во 80-те години на XIX век” објавена во 1977 год.
Во постот на Груевски е даден истиот извештај што се наоѓа во посочената статија на Славко Димевски. Никола Груевски го изостава делот од статијата на Димевски, што е само неколку реченици погоре од извештајот (на истата страница), каде што стои името на уште едно едно лице, кое било идеологот на Тајниот македонски комитет во Софија.
Тоа лице е Наум Еврович. Целокупниот живот на идеологот на овие, според Груевски и Димевски – етнички Македонци, посочени во извештајот може да се сумира во реченицата, што е дел од писмото, што Наум Еврович му го испраќа писмо на премиерот на Србија, Јован Ристич, во јули 1887 год.,
“…Секогаш агитирав помеѓу Македонците за целото време додека бев во Софија, во корист на Србија и српскиот народ, како верен на програмата на Вашата политика, дека Македонија треба и мора да биде Српска”.
Да видиме сега подетално, кои се некои од лицата наведени во извештајот од 1885 год. и какви Македонци биле тие. На почеток да споменеме, дека опис на ликот и делото за дел од “хероите” посочени во извештајот, дава еден од најголемите преродбеници, Кузман Шапкарев. Тој нив уште тогаш ги нарекува онака, какви што и биле – продажници за Јудино железо.
“Темко Попов и Коста Гручев – денес тие и двајцата ги глодаат коските на српската амбасада во Цариград, лажејќи дека ќе ги претворат македонските Българи во стари Срби …”
Писмо од Кузман Шапкарев испратено до Марин Дринов, на 10 септември 1888 год.
Наум Еврович, Коста Групчевич и Темко Попович – се сите до еден српски агенти, на платен список на државата Србија. Тие работат под директна контрола на Стојан Новакович, кој што бил српски политичар, научник, председател на Српската академија на науките.
Наум Еврович, кој што бил роден во Струга, бил ученик на специалниот отдел на Белградската семинарија, формиран за лица родени во Македонија од страна на Стојан Новакович во 1873 год. Целта на тој оддел била, тие ученици подоцна да бидат испраќани во Македонија и да шират српска пропаганда. Откако ја завршува семинаријата, Наум Еврович ја завршува и Вишата белградска школа, а потоа српската влада го финансира неговиот едногодишен престој во Париз на усовршување на францускиот јазик и дипломатијата.
Потоа заедно со уште двајца српски агенти – Коста Групчевич и Темко Попович, Наум Еврович заминува за Софија, каде што го формираат Тајниот македонски комитет во 1885 год. Овие агенти се испратени на задача во Софија, со цел да ја пропагандираат идеологијата на македонизмот меѓу македонската емиграција во Бугарија. Тие според инструкциите добиени од Белград, бараат отстранување на Бугарската егзархија од Македонија и возобновување на Охридска архиепископија, потоа бараат истакнување на националниот индивидуалитет на македонскиот народ на Балканот, бараат да се истакнуваат разликите меѓу македонците и бугарите, барале во училиштата да се воведе македонскиот јазик.
Првичната врска на овие “Македонци” со српската влада и со српската пропаганда, бил Деспот Баџович. Тој е роден крушевчанец, кој како ученик во Белград станува србоман и деец на српската пропаганда. Тие стануваат добри другари со Наум Еврович од времето на нивното школување во Белград. Во 1873 год. Деспот Баџович година е испратен во Битола, како учител по српски јазик. Но бидејќи децата во Битола не разбирале српски јазик, тој бил принуден да употребува местен дијалект и изготвува “Буквар за српско-македонските основни училишта во 1874 год.”
Откако великосрпската агитација на “Тајниот македонски комитет”, прикриена под маската на македонизмот била откриена, српските агенти биле избркани од Софија. Наум Еврович и Коста Групчевич повторно заминуваат за Белград, заедно со Темко Попович и Василије Карајовович, кадешто на 24 август 1886 год. присуствуваат на формирањето на друштвото “Св.Сава” во Белград. Тогаш се донесува одлука тие во Цариград да основаат филијала на тоа друштво, под името “Друштво Србо-Македонци”. Сите четворица од 1 септември 1886 год. се назначени за официјални агенти на Србија и добиваат добиваат државна месечна плата за нивната дејност..
Тоа се потврдува во писмото на министерот за надворешни работи на Србија, Драгутин Франасович до српскиот амбасадор во Цариград, Стојан Новакович, 1 октомври 1886 год.
“Господине,
Во интерес на постигнување на извесни политички цели на Исток, одредени се за наши агенти: Василко Карајовович, Коста Групчевич, Темко Попович и Наум Еврович. Тие ќе работат на доверените им задачи, а ќе стојат на линија со Вас и Вие ќе им издавате на признаница тримесечна плата однапред, која ќе ви се испраќа од тука:
Платата ќе им се пресметува од 1 Септември оваа година, а месечно им е одредено:
– Василко Карајовович – 360 динари
– Коста Групчевич – 300 динари
– Темко Попович – 300 динари
– Наум Еврович – 300 динари…”
Во Цариград, Наум Еврович работи како аташе на српската амбасада, под директна контрола на српскиот амбасадор – кој друг, ако не Стојан Новакович. Во Цариград, Наум Еврович заедно со Коста Групчевич, активно работеле и за назначување на српски владици во Македонија.
Нивната работа во Цариград, можеби најдобро е опишана во писмото што Наум Еврович му го испраќа писмо на премиерот на Србија, Јован Ристич. Писмото е испратено на 20 јули 1887 год., а во него Еврович самиот себеси се нарекува – најпокорен слуга на српскиот премиер.
Во писмото се изложени задачите на коишто во Цариград заедно работат српските агенти родени во Македонија, според планот договорен претходната година со друштвото “Св.Сава” од Белград.
-Да се убеди светот дека Македонците по говорот и обичаите не се Бугари, туку се Срби; постоењето на Бугари во Македонија е плод на бугарската пропаганда; да се отфрли Бугарската Егзархија во Македонија и да се бара создавање на Охридска Архиепископија; да се уништуваат бугарски книги, немилосрдно да се бркаат бугарските учители од Македонија и на нивно место да се поставуваат српски учители; да се печатат весници и учебници за основно училиште на македонски јазик и дијалект, кој што подоцна ќе премине во чист српски јазик; Србија треба тајно да ги помага, со цел на почетокот се скрие од светот нивната вистинска цел.
Во продолжение се делови од писмото на Наум Еврович до премиерот на Србија, Јован Ристич:
“…Секогаш агитирав помеѓу Македонците за целото време додека бев во Софија, во корист на Србија и српскиот народ, како верен на програмата на Вашата политика, дека Македонија треба и мора да биде Српска”.
“Со мојата скромна, ако не се лажам и доста вешта агитација стигнав дотаму, Тајниот македонски комитет, на кој што бев избран за секретар, да одреди делегација од неколку лица овластени од страна на Македонскиот народ, за да наведената делегација се претстави пред Неговото Височество Кралот на Србија и тоа јавно пред целиот свет без никакво заобиколување, со молба, Србија да не земе нас Македонците под заштита и да испрати во Македонија српски учители, затоа што Македонците по обичаите и по говорот им припаѓаат повеќе на Србите отколку на Бугарите.”
“Подоцна повторно се појави желба на наведениот Комитет, да ѝ се представи на српската влада преку г. Деспот Баџович, дека ние Македонците сами ќе почнеме да работиме за Македонија во полза на Србија и на основа на тоа, да издаваме еден весник во Цариград на Македонскиот дијалект, а штом тоа се случи, да се откажеме од Бугарската Егзархија во Цариград и да бараме Охридска Архиепископија и таму да удриме нож во срцето на Бугарија и нејзината пропаганда во Македонија; a Србија во тоа тајно да ни помага до некое одредено време.”
“Штом г.Групчевич дојде од Пловдив во Софија на 20 април оваа година, веднаш побара од српскиот кралски амбасадор г.Данич, заштита во случај на некаква опасност како српски поданик. Г.Данич, на кој што работата му беше веќе позната, направи сѐ, а после три дена по наредба на бившата српска влада, ни даде пари за патни трошоци и не испрати во Цариград кај српскиот кралски амбасадор Стојан Новакович, кој што одлично не прими, и еве не нас сега во Цариград, каде што неуморно работиме по тоа дело.
Одамна би се завршила работата, да не го затвореа Бугарите г.Групчевич, а со тоа не задржаа и нас да не можиме ништо да направиме за делото, но и сега не е касно да се постигне она што се сака, затоа како што ви е добро познато, политиката на сегашната Бугарска влада и на Регентството од ден на ден создава добри возможности, за ние Македонците да се куртулиме еднаш засекогаш од Бугарија.
Најтешко е додека избие пламенот со весникот низ цела Македонија и додека раструбиме по светот, дека Македонците не се Бугари, туку се Срби по говорот и по обичаите/ а со тоа се разбира ќе ѝ докажеме на Русија, дека не беше во право за Санстефанска Бугарија, а Србија да ја напушти и т.н./ па после никаква сила на светот не ќе биде во состојба да ги сврти Македонците на своја рака, освен Србија.”
“Весникот ќе биде како што реков на чист Македонски дијалект со цел, на тој начин да ја привлечеме цела Македонија на наша страна, а од друга страна со тоа да го отстраниме секој сомнеж за агитација, која што агитација би ѝ се припишала на Србија – па потоа постепено да се чистат сите бугаризми, кои што влегле во Македонскиот јазик и така после кратко време весникот сам по себе да се метаморфозира на чист Српски јазик.
Поинаку не е возможно, т.е. веднаш да се пишува на чист Српски јазик; затоа што Бугарите фатиле таков корен во Македонија, што работата меѓу Србите и Бугарите по Македонија би можела да стигне до нож; друг излез за Србија по оваа работа нема.
Освен тоа ќе печатиме книги и буквари, кои се најпотребни само за основно училиште, за да потоа сите Бугарски книги, без турска цензура, а и со цензура, како непотребни да ги фрламе во оган, а нивните учители ќе ги бркаме немилосрдно од Македонија и на нивно место ќе поставуваме Српски учители, како во Солун и Битола, така и по другите места низ Македонија.”
Писмото се наоѓа во книгата “Граѓа за историјата на македонскиот народ од Архивот на Србија. Том IV, книга II, (1886-1887)”, издадена во Белград 1986 год.
Првата задача на “Друштвото на Србо-Македонците” во Цариград била издавање на весник, којшто требало да се вика “Македонски весник”. На 8 јуни 1887 год. Наум Еврович и Коста Групчевич како турски поданици, поднесуваат молба до Великиот Везир, во која бараат одобрување за издавање на “Македонски весник” во Цариград. Молбата, напишана на турски јазик им ја корегирал лично Стојан Новакович, бидејќи според него, тие не биле доволно образовани за да ја напишат како што треба.
Во таа молба, двајцата агенти на Србија, пишуваат дека бугарската народност е сосема туѓа за Македонците, а бугарското црковно прашање, направило раздор меѓу христијанската раја и донело големи несреќи на Македонија. Бидејќи не добиваат одговор, Наум Еврович и Коста Групчевич, на 26 јули 1887 год. поднесуваат молба до амбасадорите на Великите сили во Цариград, со цел тие да влијаат кај Великиот Везир, за да се одобри издавањето на весникот.
“Ваше Превасходство!
Оваа состојба не може да има други последици освен да го држи општиот мир во постојана тревога и да ја застрашува со катастрофа нашата татковина – а за да се искорени тоа потребно е да се парализираат тие илузии и спомнатите државички, а тоа е во состојба да го направи само Македонското население што на светот треба да му се претстави како ПОСЕБЕН НАРОД, со ПОСЕБНА ИСТОРИЈА, КАРАКТЕР и ОБИЧАИ и дека воопшто нема ништо со околните државички – И СПОРЕД ТОА НИКОЈ НЕМА ПРАВО ДА ПРЕТЕНДИРА НА МАКЕДОНИЈА, И ТАА ОСТАНУВА НА МАКЕДОНЦИТЕ”
Писмо од Стојан Новакович до министерот за надворешни работи на Србија, од 15 мај 1887 год. во врска со молбата на Наум Еврович и Коста Групчевич до Великиот Везир.
“На состанокот пред некој ден ми ја покажаа молбата, која што ја напишаа до турската власт заради добивање дозвола за издавање на весникот. Молбата не покажува на некоја голема сила на перото, но јас нешто ја дотерав и ја упатив на г.А. Бозович да им ја преведе на турски, колку што може, бидејќи на оние јазици што ги разбирам, забележав дека перото во раката на г.А. Бозович не е многу послушно.
Стана збор за името на весникот. Во својата молба, тие ставиле име “Македонија”. Бидејќи весник со такво име, во минатото се издаваше во Цариград од П.Р. Славејков, бидејќи името “Македонски глас” исто така беше употребно во Софија, бидејќи “Вардар” беше употребен како наслов на нашиот македонски календар и бидејќи со тоа име “бојата” може пребрзо да се покаже, се договоривме весникот да носи наслов “Македонски весник”, кое што име, колку што ни е познато, досега во нема носено никој весник. Тоа име и на тенденцијата добро ќе и одговара и би можело под него корисно да се работи. Штом преводот на нивната молба се заврши, тие веднаш ќе се јават, а при мене ќе дојдат да ме известат како стојат нештата.
Што се однесува до правецот во кој што ќе работи “Македонски весник”, истиот се сведува на овие точки, кои што во молбата се јасно обележени:
1. Лојалност спрема Турција;
2. Осудување на бугарските интригантни активности при организирањето на бугарската црква и Егзархијата;
3. Осудување на бугарските интриги и агитации од ослободувањето, до најново време;
4. Желба, Македонија да се развива само од своите сили, оставена на мир од сите (т.е. од бугарските) агитации и проповеди;
5. Јасно одрекување на бугарската народност, без притоа да се истакнува каква било друга;
6. Употреба на македонскиот дијалект без бугарскиот член, со постепено сѐ поголемо мешање со српскиот јазик”…
Еве кои биле целите, и на каков јазик требало да биде печатен “Македонски весник”.
Политичките цели биле:
– Секогаш да ги заштитува интересите на Отоманската империја.
– Да се подигне црковно прашање за откажување на македонците од бугарскиот Екзарх;
– Да се побара создавање на Охридската архиепископија, која ќе биде зависна од Цариградската патријаршијa, а под Охридската архиепископија да потпаднат сите македонски епархии;
– Да се негува пријателство со Цариградскиот патријарх;
– Да ги заштитува и поддржува српските интереси, сè додека тие не се во противречност со турската влада;
-На МАКЕДОНСКИОТ НАРОД да му се насадува СРПСКИ ДУХ, на МАКЕДОНЦИТЕ да му се докажува дека не се БУГАРИ, дека веќе немаат никакви врски со БУГАРИТЕ, дека БУГАРИТЕ се непријатели на МАКЕДОНСКИОТ НАРОД;
-Да ги негува своите национални карактеристики, јазик и обичаи.
-Да развива најенергична пропаганда, бугарските владици и учители да се истераат од Македонија, а на нивните места да дојдат владики и учители, родум од Македонија и воспитани во српски дух.”
Филолошките цели биле:
1.Да се пишува на чисто македонски јазик, но бидејќи македонскиот јазик не е литературно изграден, секој бугарски израз да се исфрли, а да се воведе српски. Како најпотполна азбука за македонскиот јазик да се земе српската, а при пишувањето да се придржува кон српската граматика.
2. На ова списание да работат од 5 до 10 луѓе, од кои тројца – четворица секогаш треба да патуваат низ Македонија за да го информираат народот, да дистрибуираат весници, да собираат претплати и потребни податоци. Бидејќи весникот не може да се издржува од претплата, неопходно е индиректно да се поддржи, да се плаќаат сите трошоци поврзани со печатењето на весникот и да се одреди помош за оние луѓе, кои ќе работат во него.
3. Учители да бидат назначувани веднаш штом се појави потреба. Надзорот над учителите ќе се врши од редакцијата на весникот. Ќе дава предлози до српската влада во однос на тоа колку ќе треба да биде помаган секој учител и т.н.
4. Редакцијата на овој весник, покрај тоа што секогаш ќе на овој весник, ќе напишеи книги на македонски јазик за основните училишта, и во рок од една година ќе ги отпечати во Цариград. Ракописите на овие книги ќе бидат предадени на српскиот амбасадор во Цариград на разгледување и одобрување. Овие книги треба да се печатат за сметка на српската држава.
5. Редакцијата на овој весник ќе добива инструкции и наредби за одредени потреби од српската влада преку нејзиниот амбасадор во Цариград, и тоа за редакцијата ќе биде меродавно”…
Документите се од книгата “Граѓа за историјата на македонскиот народ од Архивот на Србија. Том IV, книга II, (1886-1887)”, Белград 1986 год.
Наум Еврович директно и целосно влијаел на делото на Крсте Петков Мисирков. Тоа го соопштуваа авторот Петар Чакар во неговата статија, “Влијанието на Наум Евро во животот и творештвото на Крсте Мисирков”, публикувана во вестник “Нова Македонија” во 12 продолженија, од 5-ти до 16-ти јуни 1966 год. Тој пишува дека Наум Еврович прв пат се запознал со Крсте Мисирков во Белград во 1888 год. при што истакнува дека Наум Еврович ќе му стане патоказ во животот на Крсте Мисирков.
“Уште во првата средба во 1888 година во Белград, Наум Евро ќе ги освои симпатиите на Крсте Мисирков, така што тие до крајот на својот живот ќе останат неразделни пријатели.”
Наум Еврович бил човекот кој што се заложил кај рускиот конзул во Цариград, Крсте Мисирков наместо српски учител во Приштина да замине на школување во Русија. “Определувајќи се за словенска филологија Мисирков пошол во целост по патот на Наум Евро, а и целокупната друга општествено-политичка активност во Русија, тој ја одредува и спроведува под влијание на Наум Евро.”
Аташето на српската амбасада во Цариград – Наум Еврович работел и како таен агент на амбасадата на Русија во Цариград. Кога бил откриен од турската полиција, Еврович се фрла од вториот кат на еден хотел во Цариград, но иако тешко повреден, останал жив. Авторот на посочената статија, пишува дека руската дипломатија воопшто не чекала да најде замена за Наум Еврович, а замената бил неговиот најдобар ученик – Крсте Мисирков, кој од Русија бил изпратен во Битола. Наум Еврович бил протеран од Цариград и интерниран во Струга, а српската влада му доделила пензија на својот верен служител.
Во статија од Петар Чакар, напишано е за што мечтаел Наум Еврович. Тој во дискусијата што ја водел преку весниците со българските општественици, во врска со етничко-географската припадност на Струга напишал: “Нешто ме тера да верувам, дека поскоро ќе дојде Србија, него ли Бугарија, зашто последната географски е подалеку од Струга.”
Желбата на српскиот агент Наум Еврович му се исполнува во есента 1918 год. кога Струга и цела Вардарска Македонија паѓаат под српска окупација. Тогаш имено Еврович е назначен за градоначалник на Струга, а исто така му е зголемена и пензијата, по неговата посета на Белград и средбата со неговиот стар пријател, српскиот премиер Никола Пашич.
Наум Еврович умира во 1923 год. во Струга. Неговата куќа им ја остава на внуците на Ѓорѓија Пулевски, а сите книги од неговата лична библиотека остава аманет да бидат подарени на библиотеката на српското друштво “Свети Сава” во Белград.
Коста Групчевич во 1895 год.Цариград станува одговорен уредник на весникот на српски јазик “Цариградски гласник”, а од 1897 год. и сопственик на весникот. На тоа место останува се до неговата смрт во 1907 год, а после смртта на Групчевич, издавањето на “Цариградски гласник” го превзема другиот српски агент – Темко Попович.
Коста Групчевич бил носител на српските ордени “Свети Сава”, “Крст на Божи гроб”, Данилов орден и на турскиот орден “Меджидие” III степен. Неговата жена, Јевросима била тетка на српскиот министер Панта Гаврилович, а син му Димитрије Групчевич бил чиновник во српското министерство за надворешни работи.
Опис на ликот и делото на овие македонисти, дава еден од најголемите преродбеници, Кузман Шапкарев. Тој ги нарекува нив онака, како што тие и биле – продажници за Јудино железо.
“Во истиот параграф, како што видовме, се спомнува и за нашиот сограѓанин Коста А.Групчев, како за некој Бог знае каков великан…, кого што го имале во предвид во нивните полемики проф.Среткович и проф. М.С. Дринов. Ние, кои што ја познаваме неговата милост, г-н Кочо Групчев, лично и уште од времето кога беше во пелени, не би го ни трошеле нашето мастило, за да го напишеме името на еден таков непостојан, полуписмен, чудовиштен млад човек. Ако е угодно на г-н Драганов и сака да се запознае со прочуената личност на тој г-н Кочо Групчев, нека се посветиме на неговата желба.
Впрочем, г.Коста Групчев е еден обичен шекерџија и ништо повеќе, кој што како млад, нешто божем од интелегентните, секогаш сакал да се вметнува и да се меша во народно-црковните работи на неговиот роден град. Тој е истиот, кој што се фалеше, дека во текот на 1862-1863 г. издејствувал божем помеѓу сограѓаните ни, да се избркаат од Охрид, србските учители и учителки испратени од Србија.
Тој е истиот, кој што во 1886 год. зеде живо учество во издавањето на брошурата: “Србската пропаганда во Балканскиот полуостров” от А.К.Т., Софија, книгопечатница Јанко Ковачев, 1886 год. Видете ја на корицата втората од трите почетни букви на авторите ѝ. Тој истиот г-н Кочо Групчев беше готов да ја преврти земјата на небото и обратно, за да ја види България зголема и прославена, како никоја друга држава на светот.
А од 1886 год. натаму, тој негодува против бугарскиот народ по единствената причина, дека денешната бугарска влада не го наградила со некоја служба, а божем некои лица и го злоупотребиле поради неговата бујност, независно од казненото дело подигнато против него во 1886 год. во Стара Загора. Тој наеднаш како да му е бил крив целиот бугарски народ се префрли од едниот крај на другиот – од зенитот на надирот и стана непомирлив бугарски непријател, а тесен пријател, ревностен добронамерник и помагач на она племе, кое што до вчера на секој начин го гонеше и преследуваше. И знаете ли зошто? За триста, како што кажуваат лошите усти, тркалезни! Браво на продажникот – аирлија да му биде Јудиното железо, како што кажуваат простите.
Ете го човекот на г.Драганов и идолот на г.Среткович и подобните на нив, ете го познатиот и големиот Кочо Групчев! Денес истиот тој е онај, за кого неговите покровители срби Милоевичеци си мечтаат, дека ќе може да ги преобрне Българска Македония во Стара Србија и Българите Македонци во чисти Срби! Горко му!…
Тие неколку навистина тажни вистини за г-н К.Групчев, кои што, како за мој сограѓанин, со душевна тага сум принуден да ги исповедам пред почитуваната учена публика, ги пишувам во присуство на и така речи под диктат на постариот му брат, уважениот г-н Иван Групчев, кој што откако се видел со него во Цариград, од пред некое време се наоѓа тука, при неговиот син поручник А.И. Групчев. Тој со силно негодување и со апсолутно неодобрување говори за непромисленостите на брат му.
Истиот тоj (Иван Групчев) има добрината да ми раскаже подробно, дека вториот другар на брат му по србофилство, стружанинот Наум Евров, еден струшки неодговорен млад човек, човек со најнизок карактер и безделник кој чека се на готово, кого исто така го познавам од 5 годишна возраст, може да се види дека од радост за големите(!) успеси, со кои што србизмот напредувал не само во Македонија, татковината на Душановци, ами и во самиот главен град на Османските халифи, пред неколку дена полудел, како резултат на кое отишол по џамиите со цел да ја прегрне вистинската исламска вера, а после сакал да се фрли во Босфорот.
Ете со какви дејци браќата Срби се надеваат да ги посрбат Македонските Българи. Ете какви личности г.Драганов ги удостојува придодавајќи ги на бројот на подвижниците на народните судбини! Среќни сме со тоа!”
Кузман Шапкарев – “Неколко думи върху статиите на г. П. Драганова в Известията на Спб. Слав. Благотв. Общество”, София, 1890 година.
Темко Попович е роден во Охрид. Тој од 1 септември 1886 год. е официјален агент на државата Србија, за што добива месечна плата.
Темко Попович долги години работи како српски конзулски служител, прво во Цариград, а потоа во Солун и Атина. Во периодот на србската окупација од 1912-1915 и од 1918-1921 год., Темко Попович е градоначалник на Охрид. Подоцна е на српска државна служба во Битола, каде што се пензионира.
Во ноември 1886 год. на неговиот пат за Цариград, Стојан Новакович ја посетил бугарската машка гимназија во Солун. За неговата посета, тој испраќа извештај до српската влада, во кој што посочува дека за српската пропаганда многу би значело да се блокира работата на солунската бугарска гимназија.
Во 1887 год. српската пропаганда успеала за служител во бугарската гимназија во Солун да го постави токму Темко Попович. Тој работел заедно со српскиот конзул во Солун – Петар Карастојанович, на врбување на учители и префрлување на ученици од бугарската солунска гимназија во Србија. Темко Попович и Петар Карастојанович договараат план за дејствие, кој што потоа се испраќа на одобрување од владата во Белград.
Писмо од Генералниот конзул на Србија во Солун, Петар Карастојанович до премиерот и министер за надворешни работи на Србија – Јован Ристич, 20 јуни 1887 год.
…”Јас веднаш следниот ден по пристигнувањето на вашата телеграма, јасно се договорив со г.Попов, покрај тоа за што и порано разговаравме. Заклучокот беше, како што имав чест накратко да Ве известам со телеграма, следниот:
1) Г.Попов бара за себе 15 турски лири месечно.
2) Секој ученик, односно при пристапувањето кај нас учител, ќе има месечно по 5 лири, при тоа да им се помогне со некоја ситница за пат, што им дава и Егзархијата…
6) Ставивме една сума од 50 лири за една брошура, која мислиме претходно да ја растураме во сите краеви на земјата, и народот да го запознаеме со неговата ситуација и да го извадиме од заблудата и да му докажеме дека не е Бугарин, токму да го спремиме за нашата идна работа, и да го повикаме да нѐ помага и на тоа самиот да работи”…
Писмото е публикувано во книгата “Граѓа за историјата на македонскиот народ од Архивот на Србија. Том IV, книга II, (1886-1887)”, Белград 1986 год.
Желбата на Темко Попович била да ја “помакедончи Македонијаº.
Каква била целта на тоа помакедончување, за чија полза и на чија штета тоа требало да стане, најдобро се гледа од писмото што Темко Попович му го испраќа на премиерот и министер за надворешни работи на Србија – Сава Грујич, на 5 април 1889 год.
“Потпишаниот, кој што живеам во Солун, а родум сум од Охрид (Македонија), уверен во неприродноста на патот по кој што тргнаа Македонците, соединувајќи го својот јазик и своите политички интереси со тие на Бугарите, во 1887 година составив една програма, за тоа како би требало, според моето скромно мислење, да се работи во корист на нашата татковина, а исто така и во корист на нашата братска држава Србија, и го предадов на бившиот конзул во Солун, г-н Петар Карастојанович.
Програмата беше испратена за одобрување на поранешниот премиер г-н Ристич, кој што веднаш го извести г-н Карастојанович дека програмата се одобрува и тој да почне да ја реализира на дело. Но, за голема жалост, после кратко време, штом дојде до нејзината практична примена, работата пропадна, а покрај неа настрадаа 8 назначени учители, кои што од страна на конзулот беа одредени во разни делови на Македонија; се разотидоа и помеѓу кои најмногу пострада и потпишаниот.
Споменатата програма, која имам чест да ја изнесам пред Вас, почитуван господине, всушност се состои во ова:
1) Со цел што подобро да се подготви сигурна почва, за покасно успешно создавање на српски училишта по Македонија, 12 македонски учители да се назначат во поглавните градови на Македонија и Стара Србија со годишна плата од 60 лири под овие услови: a) Наставата да биде по можност на македонското наречие; б) Нивната главна цел да биде агитирање помеѓу нивните сограѓани – за нивно отцепување од Егзархијата и договор со Патријаршијата за решавање на македонското црковно прашање.
2) Да се отвори едно техничко или трговско српско училиште со 50 стипендии, за чиешто создавање турската влада нема причини да се спротивставува.
3) За одоброволување на турската влада, која што гледа со сомнение на секоја работа на Србија во Македонија во национален и просветен дух, и за одоброволување на самиот македонски народ кон сѐ српско, тука во Белград да се формира едно здружение под име “Македонско”, кое што ќе издава еден вестник, што ќе се одликува со туркофилство, за да би можело да има пристап во Турција и да добие доверба, за потоа да може да се отвори вестник и во Цариград. Истиот тој весник да ја започне неопходната борба против Егзархијата и да удри на нејзините слаби страни, од чие што уништување зависи совршеното искоренување и целосното реализирање на нашата идеја.
4) Една сума да се одреди за непредвидени трошоци, како на пример за подмитување на претседателите по македонските општини, на општинарите или граѓаните од влијанија и за какви непредвидени патни трошоци.
Излагајќи ја на ново оваа моја програма пред Вас, Почитуван Господине, останувам со почитување
Понизен,
Темко Попович”
Публикувано во книгата “Граѓа за историјата на македонскиот народ од Архивот на Србија. Том IV, книга III, (1888-1889)”, Белград 1987 год.
Писмото во кое што Темко Попович посакува “Македонија да се помакедончи” е испратено до веќе познатиот Деспот Баџович. Тоа за прв пат е публикувано во весник “Нова Македонија” на 1 јануари 1960 год., но не е дадено во целост. Во делот на писмото што таму недостасува, Темко Попович се жали дека не ги добил сите ветени пари од српската влада, за да им плати на учителите што ги врбувал да работат за српската пропаганда и дека може да настрада од нив. Тој кажува дека се обратил за помош до дејците на друштвото “Св.Сава” во Белград, Милојко Веселинович и претседателот Светомир Николаевич.
Во продолжение е делот од писмото на Темко Попович до Деспот Баџович, испратено на 9 мај 1888 год., што не е објавен во весник “Нова Македонија” на 1.1.1960 год., а овој дел го нема ниту во писмото објавено на “Wikipedia” на македонски јазик.
…”Кога заминував од Врање, ти раскажав за моето патување, но бидејќи не ни оставаше повеќе време за разговор , ти се таксав да ти пишам и еве сега си го исполнувам зборот.
Ти многу добро знаеш за Групчевото одење таму и уште поубаво го знаеш крајот на работата со сите поединости, исто така знаеш дека еден од истомислениците на Групчев бев и јас и уште еден друг наш пријател, а од причина што не нѐ повикаа во Цариград, ние двајцата последни, останавме еден во Солун, а другиот во Самоков. Јас од своја страна штом дојде овде г-н Карастојанович, се бев зафатил да разговарам со него, како самите треба да работиме овде, кој што потполно одобрувајќи ја мојата идеја пиша во Белград и од таму телеграфски дури одобри г-н Ристич сѐ што му предложивме. И така ние пуштивме 7 учители, договорени по 60 лири турски годишно, кои ја завршија овдешната българска гимназија, како им дадовме по 5 лири турски за патни трошоци.
Но, од тогаш еве ќе помини скоро една година и уште кутрите чекаат да им платиме и уште им плаќаме. Од Белград им кажаа да го замолам г-н Карастојанович да напиши, како се одвивала оваа работа, а тој пак кажува дека додека не ме ? мене писмено, јас да не пишувам на никого. Него не му е гајле, затоа што јас можам да настрадам од овие учители? Него не му гајле оти посекако ми пишуваат мене и си го сакаат луѓето правото? За оваа работа му пишав и на г-н Веселинович, замолувајќи го да му напомене на г-н Светомир, за да напиши овде до конзулот и да го распраша за работата. Овде пристигнал еден од нашите учители, кој што се уредил, во мое отсуство во българската гимназија за учител, откако кажал за нашиот план, и ме донесе до дрво за бесење, за да му платам за изгубеното му време (8 месеци).
Те уверувам Деспоте, дека може да ми направи некаков скандал, затоа што има луѓе кои го поттикнуваат; во интересот нивни е да излезе оваа работа на мегдан. Јас самиот се чудам, како ќе се откинам од оваа несреќа. Дали бидува, бе браќа, да те ставеле да условиш учители и после да те оставеле во калта? Да те условеле тебе 15 лири месечно и после да не ти даделе ништо.
Верувај ми Деспоте, дека ми е згнасено од зборување и пишување за оваа работа, но што да правам кога сум ангажирал луѓе. Јас работев без никакви задни мисли и затоа пропаднав, затоа што еден зел вакви задолженија над себеси, туку требало човек секогаш во резерва да има мали задности – подлости, ако сака да не пропадни. Јас лично за идејата не зборувам, затоа што јас сум се посветил за оваа идеја и по никаков начин не ќе ја оставам, макар и да не ми дадат пет пари, било за моја сметка, било за сметка на учителите, но ми е мака зошто да бидам ужасно усрамен пред своите пријатели и истомисленици кои некој ден можат да ме разиграат, како што рекол Господ.
Ова ми ти е работава, накусо, Деспоте, ако сакаш да ја знаеш. Требаше да го препишам писмото, ама Бога ми, ми е мака, затоа што стана многу долго.
Ве молам, поздравете ги браќа ви и Попчето.
Вашиот пријател,
Т.Попов
9 мај 1888 год. Солун
Ако одговорите, ве молам препорачајте го писмото до консулството.
Истиот”
Писмото е публикувано во книгата “Граѓа за историјата на македонскиот народ од Архивот на Србија. Том IV, книга III, (1888-1889)”, Белград 1987 год.
Да се потсетиме крај, уште еднаш што пишува Кузман Шапкарев за Темко Попов(ич) и Коста Групчев(ич), во неговото писмо испратено до Марин Дринов, на 10 септември 1888 год
“Еден изрод – Темко Попов, кој што е син на нелегитимниот син на охридскиот грчки владика, Стефан Владиков, поранешен предавник на покојниот Димитар Миладинова… Темко Попов и Коста Гручев – денес тие и двајцата ги глодаат коските на српската амбасада во Цариград, лажејќи дека ќе ги претворат македонските Българи во стари Срби …”















