| |

По евровизиската победа, ДАРА претстави нова песна на англиски јазик

Бугарската пејачка ДАРА го објави новиот сингл на англиски јазик „Bad Idea“, прва песна по нејзината победа на „Евровизија“ 2026, објави Бугарската национална телевизија (БНТ). Песната го најавува нејзиниот целосно англискојазичен албум, чие излегување е планирано за почетокот на следната година.

„‘Bad Idea’ е еден наш убав експеримент, во кој се обидовме да споиме различни стилови што ги сакам. Сметам дека е храбар избор за песна по Евровизија и сè што се случи. Искрено се надевам дека ќе ѝ се допадне на публиката“, изјави ДАРА за БНТ.

Новата песна ќе биде изведена во живо првпат вечерва на концерт во Софија. Публиката ќе има можност да ги слушне и сите песни од нејзиниот последен албум „ADHDARA“.

Пејачката најави дека претстојниот албум ќе има поизразен електронски звук.

„Целиот мој нов албум има повеќе електронски отколку поп-звук. Тој е за луѓето што сакаат да танцуваат, што сакаат да се ослободат од нешто, од некаков товар што им тежи“, рече таа.

ДАРА ја поврза замислата на албумот со идејата зад песната „Бангаранга“, додавајќи дека овојпат на публиката ѝ нуди цел албум со таква порака.

БНТ ја избра ДАРА да ја претставува Бугарија на „Евровизија“ 2026, каде што ја освои победата.

Слични Објави