По три децении ветувања, започнува изградбата на поликлиниката во Расадник
По триесет години празни ветувања, поликлиниката во населбата Расадник конечно ќе стане реалност, соопштија денес градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО–ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, и кандидатката за градоначалник на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.
Ѓорѓиевски истакна дека е обезбедена градежна парцела и целосно изработен основен проект за новата поликлиника, која ќе се простира на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат. Објектот ќе се изгради зад постојниот паркинг во Расадник, на централна и лесно достапна локација.
Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари, а на катот ќе бидат одделите за интерна медицина, дерматологија, гинекологија и оториноларингологија, заедно со административни простории.
Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, изјави дека средствата за изградбата се обезбедени од Владата преку унгарски кредит. Тој додаде дека проектот ќе биде сличен со поликлиниките кои се градат во Илинден, Зелениково и Бутел, со цел граѓаните да имаат пристап до здравствена заштита поблиску до своите домови.
Кандидатката Стаменкоска-Трајкоска најави дека, доколку ја добие довербата од граѓаните, ќе продолжи со започнатите проекти во општината, меѓу кои изградбата на пешачко-велосипедска обиколница, унапредување на животната средина, реконструкција на училишта и подобрување на квалитетот на образованието.
