|

Министерот Азир Алиу: Седум хирурзи обучени во Турција – зголемен број трансплантации во земјава

Министерот за здравство, Азир Алиу, и заменик министерот, Јовица Андовски, учествуваа на работна средба по повод Европскиот викенд на органодонорство, во организација на националниот координатор за трансплантација, д-р Билјана Кузмановска, и директорите на универзитетските клиники за дигестивна хирургија, урологија и нефрологија — Огнен Костовски, Башким Шабани и Никола Ѓорѓиевски.

Министерот Алиу истакна дека ресорот е целосно посветен на развојот на трансплантационата дејност и континуирана едукација на медицинските тимови.

„Изминатиот период, седум хирурзи и еден специјалист-нефролог беа упатени на обука во Турција за трансплантација на бубрези. Двајца хирурзи дополнително се едуцирани за трансплантација на црн дроб од жив донор“, рече Алиу.

Тој додаде дека само од почетокот на годинава се извршени шест трансплантации на бубрег и две на црн дроб од починат донор, како и експлантации на коски и лигаменти.

Европскиот викенд на органодонорство, инициран од Европската комисија, има за цел да ја подигне јавната свесност за значењето на дарувањето органи — чин што спасува животи.

„Дарувањето орган е највозвишен израз на хуманост и солидарност, надеж за пациентите и светлина на крајот од тунелот“, нагласи министерот Алиу.

На средбата, д-р Билјана Кузмановска упати благодарност до донорите и нивните семејства:

„Органодонорството е највисок израз на човечка добрина и чин со кој се спасуваат животи и се дава втора шанса.“

Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, Огнен Костовски, посочи дека клиниката направила голем исчекор во трансплантациите на црн дроб, кои се меѓу најсложените во медицината.

Директорот на Клиниката за урологија, Башким Шабани, информираше за унапредувањето на новиот Центар за трансплантација, кој е целосно реновиран, како и за зголемувањето на бројот на оперативни тимови.

Директорот на Клиниката за нефрологија, Никола Ѓорѓиевски, истакна дека трансплантацијата е најдобар метод за лекување на лицата со бубрежна болест.



Слични Објави