Почина Каја Декелбаум-една од носителките на живиот спомен за спасувањето на бугарските Евреи
Скулпторката Каја Декелбаум почина на 10 ноември во Њујорк, соопшти генералниот конзул на Бугарија во Њујорк, Ангел Ангелов, на фејсбук-страницата на Генералниот конзулат, пренесува Радио Бугарија. Декелбаум е авторка на скулптурата „Духот“ (The Spirit), посветена на спасувањето на бугарските Евреи за време на Втората светска војна. Скулптурата е подарена на бугарското Министерство за надворешни работи.
Декелбаум е родена во Софија во 1946 година во еврејско семејство. Според Ангелов, иако голем дел од животот го поминала надвор од Бугарија, таа останала силно поврзана со татковината и со љубов го користела и името Надежда, бугарскиот превод на нејзиното име.
Ангелов наведува дека нејзината љубов кон Бугарија е поврзана и со историјата на семејството. Нејзиниот татко, Бернард Розенберг, е автор на мемоарска книга за животот на бугарските Евреи и за нивното спасување за време на Втората светска војна. Тој ѝ ги пренел сеќавањата на тие настани и чувството на благодарност кон Бугарија и бугарскиот народ.
„Каја зад себе остава не само извонредно уметничко наследство, туку и длабоко човечка порака – за силата на доброто, историското паметење и благодарноста“, напиша Ангелов и им изрази сочувство на нејзиното семејство и на пријателите.
