Почина познатиот бугарски новинар Иван Гарелов
Тажна вест! По подолго лекување, утрово почина познатиот бугарски новинар Иван Гарелов, јавува БГНЕС.
Долгогодишниот водител на програмата „Панорама“ се лекуваше во болницата „Пирогов“, каде што беше примен на 18 јули како итен случај по повреда на глатата. 81-годишниот новинар првично бил примен во Окружната болница во Бургас, но поради влошување на неговата состојба била донесена одлука да биде префрлен во Софија.
БГНЕС потсетува дека Иван Гарелов е роден на 6 февруари 1943 година во село Смилец, во околината на Пазарџик. Дипломирал новинарство на државниот универзитет во Софија. Од 1972 година се вработил во БНТ како репортер.
Иван Гарелов стана познат како водител на емисијата „Панорама“ на БНТ во 1980-тите и 1990-тите. Во него тој ги интервјуирал сите водечки бугарски политичари и интелектуалци во тој период. Се прослави со фразата: „Времето и местото на средбата се познати“.
Гарелов е признат познавач на Грција и бугарско-грчките односи. Има интервјуа со голем број грчки државници, меѓу кои и премиерите Константин Караманлис, Андреас Папандреу, Константинос Мицотакис /татко на актуелниот премиер Киријакос Мицотакис – забелешка БГНЕС/, шефот на кипарската држава Архиепископот Макариос, министерот за култура и светски познатата пејачка и актерка Мелина Меркури и др.
На чело на „Панорама“ остана 21 година, до почетокот на новиот милениум, кога премина во „Нова ТВ“, која тогаш стана сопственост на грчкиот тајкун Минос Кирјаку.
Гарелов е автор и на серија документарни филмови, од кои најпознат е неговиот филм за Камбоџа по победата над Црвените Кмери. Бугарската телевизиска екипа е првата што влезе во земјата опустошена од геноцидот на Пол Пот.
Минатата година по кратко боледување почина сопругата на новинарот Донка Стамболијска.
БГНЕС изразува сочувство до роднините и пријателите на Иван Гарелов. Светла му памет!

