Почна петтото издание на „Занает фест“ во Благоевград
Почна петтото издание на „Занает фест“, кој го претвора плоштадот „Македонија“ во Благоевград во центар на бугарските традиции, занаетчиството и фолклорот. Мајстори од цела Бугарија во текот на два дена претставуваат автентични занаети во 15 тематски шатори, зачувани и пренесувани од генерација на генерација, јавува Пиринско.
Годинашното издание го отвори заменик-градоначалникот Станислав Кимчев, кој ги поздрави учесниците и гостите и истакна дека зачувувањето на традициите е директно поврзано со грижата за природата.
За првпат оваа година Општина Благоевград учествува со сопствен информативен штанд посветен на селектирањето отпад и заштитата на животната средина. Посетителите можат да дознаат повеќе за придобивките од рециклирањето и начините на кои секој може да придонесе за почиста и поубава урбана средина.
„Голем дел од отпадот што секојдневно го фрламе всушност е вреден ресурс. Хартијата, пластиката, металот, стаклото и биоразградливиот отпад можат да добијат нов живот кога се собираат посебно. Органскиот отпад од домаќинствата и градините веќе се користи во модерната анаеробна инсталација кај селото Бучино, каде што се претвора во електрична енергија и биотор“, истакна Кимчев.
Фестивалот го претставува богатството на бугарските занаети – дрворезба, кожарство, ножарство, плетарство, пчеларство, изработка на народни носии, традиционален накит, калоферска чипка и уште многу мајсторски вештини што го зачувале духот на бугарските традиции.
Посетителите можат не само да следат демонстрации во живо, туку и да учествуваат во креативни работилници и интерактивни активности.
Првиот фестивалски ден беше проследен со богата фолклорна програма со учество на детски и аматерски ансамбли, меѓу кои ДФГ „Џумајчета“ при НЧ „Никола Вапцаров“, ФГ „Надежда“ и Групата за автентичен фолклор при НЧ „Иван Чаушки – 1934“ од селото Логодаж.
„Занает фест“ продолжува и утре на плоштадот „Македонија“ со нови средби со мајстори, фолклор, креативност и инспирација. Влезот е слободен.
