Почнува изградбата на најголемиот телескоп во светот

/

Еден од големите научни проекти на 21-от век – изградбата на најголемиот телескоп во светот, денес влегува во фаза на изградба. Кога ќе биде завршен во 2028-та година, Square Kilometre Array (SKA) ќе биде најголемиот радио телескоп во светот.

Поделен на територијата на Јужна Африка и Австралија, со седиште во Обединетото кралство, објектот ќе одговори на најголемите прашања во астрофизиката. Тој ќе ги извршува најпрецизните тестови на теориите на Ајнштајн, а ќе бара дури и вонземјани.

Делегации од осумте земји кои раководат со проектот присуствуваа на церемониите во оддалечената област Марчисон во Западна Австралија и во Кару во Северниот рт на Јужна Африка.
Кога ќе завршат свеченостите, булдожерите ќе почнат да работат.

„Ова е моментот во кој сè станува реално“, вели професорот Фил Дајмонд, генерален директор на SKA.

„Тоа беше 30-годишно патување. Првите 10 години беа за разработка на концепции и идеи. Вторите 10 години беа за разработка на технологијата. А последната деценија беше за детален дизајн, обезбедување на локациите, убедување на владите да се согласат да создадат договорна организација (SКАО) и да обезбедат средства за да се започне со работа“, изјави тој за BBC News.

Телескопот се гради во области кои веќе се користат за радио астрономија
Почетната архитектура на телескопот ќе вклучува нешто помалку од 200 параболични антени, или „чинии“, како и 131 000 диполни антени кои малку наликуваат на новогодишни елки. Целта е да се изгради ефективна зона за собирање на информации со големина од стотици илјади квадратни метри. Ова ќе и даде на SKA неспоредлива чувствителност и резолуција во проучувањето на објектите на небото.

Системот ќе работи во опсег на фреквенција од околу 50 мегахерци до 25 гигахерци. Споредено со брановата должина, тоа е во опсег од сантиметри до метри. Тоа би требало да му овозможи на телескопот да детектира многу слаби радио сигнали кои доаѓаат од космички извори на милијарди светлосни години од Земјата, вклучувајќи ги и сигналите од првите неколку стотици милиони години по Големата експлозија.

Претходна статија

Над 1000 изведувачи од Бугарија и РС Македонија учествуваа заедно на фестивал во Банско

Следна статија

Кривична пријава за малолетник кој испратил една од лажните пријави за бомби во училиштата

Најново од Вести