| |

Подемот на Homo Idioticus

Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/Нетпрес

Следејќи некои „дебати“ на социјалните медиуми неодамна, се’ повеќе сум уверен дека се враќаме наназад и стануваме поглупави и понефункционални како општество. Можеби повеќе не сме Homo sapiens – „мудриот човек“. Ниту пак сме Homo economicus, наводно рационалниот актер во класичната економија. Сè повеќе стануваме Homo idioticus – суштество дефинирано, не од мудрост или логика, туку од емоционални импулси, дезинформации и интелектуална инерција. Ова можеби звучи сурово, но земете ги предвид доказите: опаѓачки коефициент на интелигенција, широко распространета функционална неписменост, опаѓачка медиумска писменост и културна средина во која критичкото размислување станува вештина, а не норма. Станува очигледно дека социјалните медиуми ги преобликуваат нашите мозоци. И тука не може многу да направиме.

Социјалните медиуми станаа жив пазар на идеи, мислења и разговори. Но, заедно со придобивките од социјалните медиуми доаѓаат и недостатоци, средби со однесување кое може да се опише, никако поинаку освен, идиотско. Иако зборот „идиот“ може да изгледа суров или осудувачки, понекогаш е најсоодветниот опис за оние чии коментари се чини дека се наменети да го истакнат нивниот недостаток на мудрост или самосвест. Поточно, да ја истакнат нивната глупост. Умберто Еко е дециден дека „социјалните медиуми им даваат право на легии „идиоти“ да зборуваат кога некогаш зборуваа само во бар по чаша вино, без да ѝ наштетат на заедницата… но, сега имаат исто право да зборуваат како добитниците на Нобелова награда. Тоа е инвазија на „идиоти“ која ни се случува на социјалните мрежи. Изгледа како социјалните мрежи да се населени со „идиоти“.

Платформите на социјалните медиуми станаа Хајд парк на глупоста, светилиште на идиотизмот, овозможувајќи на неинформираните, неодговорни гласови да доминираат во јавниот дискурс на исто ниво со експертите. Ваквата армија на „идиоти“ позади тастатурата ги засилуваат дезинформациите, се вклучуваат во сајбер-малтретирање и создаваат ехо-комори што го зајакнуваат токсичното однесување. Идиотизмот на социјалните медиуми не е само индивидуален проблем; тој се повеќе станува колективен. Платформите како Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Тик Ток со нивните огромни кориснички бази, служат како огледало што ги одразува најдобрите и најлошите однесувања на општеството. Анонимноста и недостатокот на непосредни последици честопати ги охрабруваат луѓето да зборуваат без размислување, што доведува до ширење на глупости или штетна содржина.

Изгледа на социјалните медиуми им се потребни „идиоти“.  Затоа станаа нивен расадник. Не гледам проблем во тоа да им дозволиме на „идиотите“ да кажуваат идиотски работи. Друго и не може да очекувате од „идиотот“. Проблемот е што платформите преживуваат со пронаоѓање на највирулентните идиотизми и нивно глобално ширење. Едноставно кажано, благодарение на социјалните медиуми, „идиотите“ сега имаат платформа да ја објават својата глупост пред целиот свет. Секој може да оди на интернет и да каже што сака, и никој друг не може многу да направи во врска со тоа. Зашто, мора да си признаеме: секој „идиот“ може да се справи со социјалните медиуми. За масовно усвојување, апсолутно е неопходно платформите на социјалните медиуми да бидат лесни за користење. Ако не е така, малкумина од нас би развиле навика да се свртуваат кон нив во секојдневниот живот. Социјалните медиуми поттикнувајќи и хранејќи го идиотизмот промовираат и лоша ментална хигиена. Лошата ментална хигиена има способност да претвори обична интелигентна личност во „идиот“.

Прелистувањето низ социјалните медиуми честопати прави да се чувствувате како на патување низ дигитален идиотски циркус. Бидејќи социјалните медиуми се достапни на светско ниво, невозможно е да се цензурираат „идиотите“. Бизарното, плиткото и апсолутно смешното доминира во секоја друга содржина базирана на знаење и креативност. Изгледа време е за филтрирање на глупостите на социјалните медиуми, со цел да се пронајдат поавтентични форми на изразување. Или пак треба да изградиме „социјален медиум – за „идиоти“, наместо да бидеме „идиоти“ што дозволуваат социјалните медиуми да нè користат. Едно е сигурно: не можеш да  го избегнеш „идиотот“ на социјалните медиуми и не можеш да ги принудиш „идиотите“ да молчат. Тие се неизбежни во нивните глупости и илузии. Затоа, никогаш не се расправајте со „идиоти“. Што  би рекол Марк Твен: „тие ќе ве спуштат на нивно ниво, а потоа ќе ве победат со искуство“.

Интернетот е диво место, исполнето со брилијантност и апсурдност во еднаква мера. Иако идиотизмот на социјалните медиуми може да биде фрустрирачки, тој е исто така потсетник за разновидноста на човечкото изразување – за подобро или полошо. Наместо да дозволите „идиотите“ на социјаллните медиуми да ви го уништат денот, научете да ги игнорирате со смеа, или едноставно да ги прескокнете. Убавината на социјалните медиуми е во тоа што имате контрола врз вашите интеракции. Изберете мудро и ќе ги пронајдете скриените скапоцености меѓу бучавата. И, секако, ќе ги одбегнете „идиотите“. Светот ги преживеал „идиотите“ многу долго време, па ќе ги преживееме и ние. Или не, кој знае.

Слични Објави