|

Поднесени обвиненија против 12 луѓе за насилството на протестите, меѓу нив и за пиштолџијата Цуфи Кока

Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведената претходна постапка, денеска до надлежниот Суд поднесе обвинителни предлози против вкупно 12 лица за учество во инцидентите за време на протестите во Скопје против францускиот предлог за отпочнување преговори со Европската унија.

Деветмина се обвинети за кривично дело „учество во толпа“, а тројца се гонат за „предизвикување општа опасност“.

За седуммина од обвинетите, Судот во текот на претходна постапка определи мерка куќен притвор, додека за петмина беше определена мерка притвор. Обвинителите денеска побараа продолжување на овие мерки.

За деветтемина обвинети за учество во толпа што ќе изврши кривично дело „Насилство“ на 5 јули, Обвинителството наведува дека:

„Тие со камења, бекатон плочки, железни предмети, сообраќајни знаци, корпи за отпадоци и пиротехнички средства фрлале кон полициските службеници распоредени во полициски кордон за заштита на зградата на Собранието. Притоа, на еден полициски службеник му била нанесена тешка телесна повреда, а 26 полицајци се здобиле со телесни повреди. Обвинетите причиниле штета на Собранието во вкупен износ од 576.665 денари, оштетиле полициска опрема и едно полициско возило „Шкода Јети“, соопшти ЈО.

Обвинителен предлог е поднесен и против двајца скопјани, на возраст од 18 и 26 години, кои, како што посочува обвинителството предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето на место каде што биле собрани поголем број луѓе на протестот пред Собранието на 5 јули.

„Едниот обвинет подготвил „молотов коктел“, ставајќи бензин и парче ткаенина во стаклено шише, по што општо опасното средство го подал на другиот обвинет кој го фрлил кон поставениот кордон од полициски службеници“, прецизира ЈО.

За предизвикување општа опасност се гони 40-годишен скопјанец, кој на 6 јули, на платото пред плоштадот „Скендербег“, испукал неколку куршуми во воздух со пиштол што го поседувал со дозвола и предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето.

„За време на движењето на групата граѓани кои учествувале на јавниот собир, обвинетиот во два наврати испукал по два куршума во воздух“, посочуваат од ЈО.

Извор: slobodenpecat.mk



Слични Објави