| |

Подзаборавени проблеми, современи предизвици…

Пишува: Владимир Перев

1.
(Не)очекуваната и (не)посакувана смрт на Јосип Броз Тито, предизвика политички, економски, но пред сѐ ментален земјотрес низ пространствата на ексјугославија. Сите беа свесни дека следуваат промени, но за нивната длабочина и широкиот опфат, малкумина беа информирани. Титовата смрт беше крајот на една ера и продолжувањето на еден мит, воздигнат на насилие, нарушени човекови права и во целосен разрез со она, што тогаш се нарекуваше Современа Европа. СФРЈ беше ментален дел од Источниот блок, а некои делови от таа држава. како и некои народи, останаа заробени во титовистичката митологија на среќа и богатство, мерено со аршините на споредба со Романија, Бугарија, Чешка и сите држави од “Лагерот“. Потоа дојде отрезнувањето.

2.
На чело на Сојузниот извршен совет (Владата) на СФРЈ, во 1982 година доаѓа хрватската политичарка Милка Планинц. Полу-србинка, полу-хрватка, партизанка и комунист, приучена економистка, таа е претставника на целата онаа ергела економисти од Источниот блок кои десетици години ги држеа сопствените народи во беда и немаштија. Тогаш, за прв пат, југословенските народи разбраа што значи “вистински, изворен социјализам“ и се судрија со проблемите на секојдневната егзистенција. Поточно, веднаш по смртта на Маршалот, почна кризата со прехрамбени производи и енергија, но ситуацијата нагло се промени со доаѓањето на Милка Планинц во 1982 година. Таа веднаш воведе строга контрола на вискалните трошоци, го забрани увозот на кафе, шеќер, чоколадо, сапун, детергенти за перење и други средства за лична хигиена. Се воведе строга контрола врз увозот на горива и се даваа бонови за гориво во висина од 40 лити месечно, по баснословна цена. Потоа се воведе возење чифт-тек, или југоловенски пар-непар, па правото да се вози кола беше засновано на последната бројка од таблицата на колата. Потоа следуваа уште поригорозни мерки.

3.
Се воведе принудно штедење на електричната енергија, па струјата се исклучуваше, низ цела Југославија, секојдневно во три рамномерни третини. Секое семејство во земјата, остануваше секојдневно по осум часа без електрична енергија. Во поголемите градови тоа беше вистинска трагедија. Немаше струја, немаше топла вода, лифтовите не работеа, немаше вода на повисоките катови заради немањето струја во водните пумпи. Особено беше тешка состојбата со старите лица и малите деца, оние на кои им требаше редовно внимание. Во меѓувреме, Југославија ја продаваше струјата на берзата на Европа, а поголемиот дел од парите беа присвојувани од Армијата на СФРЈ и “струјната мафија“, институција која и тогаш постоеше. Згора на сето тоа, човековите права на слободно движење беа суспендирани, па граѓаните на земјата, за секое свое патување во странство, требаше да платат во Сојузната каса 50 германски марки, но и пропорционално зголемена сума во марки, за секое следно излегување од државата во таа календарска година. Банкарските сметки на граѓаните беа блокирани, инфлацијата имаше вртоглави висини, а државата ги цицаше заштедите од граѓаните до последната девизна паричка. Некаде 1987 дојде на власт Анте Марковиќ и ситуацијата се смири, паднаа ограничувањата, но штетата веќе беше направена-СФРЈ беше држава во распад.

5.
Таков, но уште посилен терор врз сопствените граѓани имаше само во Романија на диктаторот Николае Чаушеску и неговата сопруга Елена. Знаеме, и двајцата си ја заслужија својата судбина, беа стрелани, несвесни за злосторствата врз својот народ. Но да не заборавиме, Романија опстана, се разви и денес е пример, успешна приказна на европските вредности.

Претходните неколку дена јавниот сообраќај во Скопје беше во колапс. Немало гориво за автобусите, тендерот не бил уредно распишан и слични глупости на владејачките структури. Сценати на жени и деца, стари луѓе и студенти кои стојат на автобуските постојки, измачени, преморени и премрзнати, ги враќаат сликите од минатото. Слики од едно време кога човековите права, демократијата, обврските на државата кон граѓанинот, па ако сакате и ниската цена на човековото битисување, беа дел од нашите животи. Римејк на едно време кое не треба да се врати. Оваа современа приказна е трагична и за неа нема никакви оправдувања. Желбата на владеачката гарнитура на ДПМНЕ за апсолутна власт низ целата држава нѐ води кон апсолутна неодговорност, кон непочитување на човековата единка, не води кон воведување на партиски авторитаризам. Членовите на Советот на град Скопје од најбројната партија, како и Владата на РСМ ја имаат одговорноста за ова нарушување на човековите права, за оваа брутална политика кон сопствените граѓани, па ако сакате и своите партиски гласачи, и тоа не смее да остане непосочено и безодговорно.

6.
Со нашите кредити подигнати под нејасни околности, со нашето насилие врз сопствените граѓани, ние живееме во атмосферата на посттитовската Југославија. Колективната параноја од “бугарскиот диктат“, неизвршувањето на обврските по однос на човековите права кон македонските бугари и одбивањето за промена на Уставот, ја пресликуваат атмосферата од кризата на СФРЈ пред 1990 година. Тоа е атмосфера на нарцизам, самољубие, отворен расизам и презир кон европските тековини. Македонските граѓани избраа раководство кое ќе ги води кон една богата иднина, градена врз основите на стабилна и меѓуетнички регулирана држава. Нивните надежи се изневерени. ЕУ јасно ги посочува обврските на Македонија, го поддржува предлогот на ЕУ грубо наречен како “Француски предлог“ и инсистира на брзо решавање на недоразбирањата. Никој никаде и никогаш во Бугарија не го негирал постоењето на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот идентитет и име. Прашање е само колку далеку во историјата ќе се вратат амбициите на македонската политичка и академска врхушка за простирање на нашата националност, јазик и идентитет. Во Европа тие работи се јасни и дефинирани, Македонската држава и историја ги имаат признато своето место од Илинден 1944 година до денас и да се надеваме дека така ќе биде и во иднина. Сѐ друго се празни желби, илузија е очекувањата дека ќе дојде некаков нов Холбрук или дека некој ќе го испрати Радев да “пие кафе“…да биде јасно, тоа не може да го направи ниту Трамп, на кого толку многу се надева оваа македонска политичка врхушака.

7.
Во Азербејџан се сретнаа Силјановска Давкова и Румен Радев. Тоа не беше средба “на маргините“, тоа беше вистинска пријателска средба на македонската претседателка и бугарскиот претседател. Начелно договориле средба и во Скопје. Тоа е добро. Време е и Бугарија да преземе дел од своите задолженија кон македонскиот народ, за кого “си милее секоја б’лгарска душа“. Време е да нѐ помогне. Македонската претседателка треба да бара од Румен Радев финансиска помош за развој на македонското стопанство, да побара средства за набавка на автобуси за Скопје и некои од македонските градови, да побара бенефициран увоз на енергенси од бугарските складови. Бугарија е најмалку задолжената држава во Унијата, со огромен прираст на БДП-то.

Платите во Бугарија се дигнаа до небо, а обичниот македонски граѓанин, дури и со повисока македонска плата, тешко ќе може да си дозволи семеен ручек во ресторан во Софија.
Ова не е предлог за корупција, ова е размисла за единствен настап кон иднината. Ако во минатото дадовме заеднички бројни жртви за слободата, нека денеска дадеме малку од привилегиите на богатството за заедничката иднина…нека децата, мајките и старците да не ни мрзнат по постојките низ Скопје, заради амбициите на една шепа егоцентрици. Да не се повторува, ниту овде ниту таму, онаа грда слика на стерилниот социјализам, на менталното насилие и на бедата на човекот и граѓанинот…па “нели сме един народ“?!



Слични Објави