Покренато обвинение против 30 лица за настаните од 27 април
Обвинителството до судот поднесе обвинителен акт против 30 лица од вкупно 35 осомничени, јавува Макфакс. Од нив 28 се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а две се обвинети за помагање при вршење на ова кривично дело. За четири лица постапката е прекината со оглед на тоа што не се достапни за органите на прогонот, но по нивно пронаоѓање постапката ќе продолжи. Исто така, за едно лице, односно за пратеничката Жаклина Пешевска, постапката е запрена бидејќи немало докази дека сторила кривично дело.
Јавниот обвинител Љубомир Јовевски рече дека обвинетите го загрозиле уставниот поредок со насилство и создале чувство на несигурност и страв. Според обвинението, обвинетите го загрозиле животот на пратениците, новинарите и на вработените кои во тој момент биле во законодавниот дом. Организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“ се обвинети дека со потпалувачки говори ја поттикнале нетрпеливоста кај насобраните граѓани од пред Собранието. Петмината обвинети пратеници се теретат дека заедно со други обвинети од обезбедувањето на Собранието отвориле две влезни врати и со тоа го овозможиле упадот во зградата на Собранието. Од ЈОРМ информираа дека поднеле предлог до Судот за продолжување на мерките притвор и куќен притвор.