Посебен режим на сообраќај во Скопје поради официјални посети
Министерството за внатрешни работи информира дека во наредните два дена ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во поширокото централно подрачје на град Скопје, поради официјални посети на високи странски делегации.
На 14 и 15 октомври (вторник и среда) во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува претседателот на Република Словачка, Н.Е. г-дин Петер Пелегрини, а на 15 октомври (среда) ќе пристигне и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Поради тоа, СВР Скопје – Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе соодветни мерки за обезбедување на движењето на официјалните делегации и ќе воспостави посебен режим на сообраќај на повеќе сообраќајници низ централното градско подрачје.
Од МВР апелираат до сите граѓани и учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и упатствата на униформираните полициски службеници, со цел да се избегнат застои и да се обезбеди непречено одвивање на официјалните активности.
