| |

Постхумниот живот на комунизмот – минато како екосистем на иднината

Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/Нетпрес

Болното и срамно комунистичко минато на Македонија сè уште е скриено, но до кога? До кога досиејата од комунистичката ера сè уште ќе ја прогонуваат Македонија и до кога мрачното наследство на комунизмот ќе опстојува кај нас, додека земјите од регионот отвораат дел од милионите страници на архивите на тајната полиција за јавноста, откривајќи го идентитетот на доушниците? Унгарија минатата среда објави илјадници досиеја од тајната полиција од комунистичката ера, како дел од долго одложуваните напори на земјата да се соочи со своето репресивно минато. Словенечкиот премиер Јанез Јанша побара од Србија да ги предаде архивите на поранешните југословенски тајни служби и воени структури, конкретно споменувајќи ги архивата на југословенската тајна полиција УДБА, нејзиниот наследник – Службата за државна безбедност (СДБ), Југословенската народна армија (ЈНА), како и Сојузниот секретаријат за внатрешни работи. Истото барање до новата власт во Србија стигна и од Хрватска. До кога Македонија ќе молчи? До кога историјата и политиката ќе го кријат срамното минато на комунизмот на Македонија и до кога ќе ги штитат вештачки креираните митови за луѓето кои биле егзекутори на слободата?

Чудно како спомените од комунистичкиот период, како и споровите околу нив, не ја обликуваа Македонија како другите посткомунистичките земји, свесно оневозможувајќи ја да изгради „официјална“ јавна меморија за тоа време. Дали македонската историска наука беше толку уништена во времето на режимот после 1945 година, што продолжи да биде политичка алатка целосно контролирана од пост комунистичките власти и инструмент на новата реформирана пост комунистичката пропаганда? Веќе е очигледно дека историјата продолжи да биде средство за манипулација во согласност со постојано променливите потреби и политичките сензитивности на новиот систем кој се градеше во независна Македонија, затруен од вирусот на „социјализмот со човечки лик“. Вистината за едно срамно време од македонската историја беше скриена и свесно потхранувана со лаги и манипулации од масовни размери. Велат дека иднината на комунизмот можеби зависи од тоа како иднината ќе го памети — како достигнување или како трагедија. Се прашувам: како ние ќе изградиме колективна меморија за еден репресивен систем кој се одржувал на лаги, прогон и човечки шљам, ако историјата останува политички актер чии историски конструкции асоцираат на пристрасност, политичко маневрирање и недостаток на критичко размислување?

Секогаш кога ќе се покрене прашањето за отворање на досиејата на тајната полиција во Македонија тоа брзо се задушува, со изговор дека архивите се веќе отворени и предадени на чување во Архивот на Македонија (моментално под клуч), биле уништени, прочистени (што и да значи тоа), или дека поголемиот дел од нив е однесен во Белград. Тоа е тој софистициран и „елегантен“ начин како политичарите манипулираат со историјата и со вистината во Македонија. Па така, Македонија добри 35 години се држи во свесно креиран систем на лаги, страв и неизвесност поради можноста за отворањето на полициските досиеја од комунистичкиот период на својата историја. Наместо да се помогне вистината да излезе на виделина, манипулирањето со проблемот поттикна политичкиот неморал кон историјата и вистината. Криењето на вистината за еден тоталитарен режим и неговите креатори ги држи во заложништво македонската политика и општество и е повторно доживување на теророт на оние што го поминале и биле негови жртви. Затоа соочувањето со срамното и тоталитарно минато е нужниот историски потег што и недостасува во Македонија. Без него голем дел од македонското општество е исклуччен од процесот на обликување на официјалната јавна меморија. Денес, кога зборувате и пишувате за историјата на Македонија наидувате на истиот проблем: како да се пристапи кон спротивставените сеќавања за една спорна минатост?

Декомунизацијата на Македонија никогаш реално не се случи. Сето досега што се направи, вклучувајќи ја и лустрацијата, беше политичка шминка на минатото без реално очекување дека процесот на декомунизација на македонското општество ќе се случи во блиска иднина. Овој процес на конечно соочување со вистината за режимот во Македонија и ликовите од срамното македонско минато треба да биде значаен дел од екосистемот на државата, историјата и политиката, но тоа не е. Унгарија наскоро ќе започне со објавување на десетици илјади полициски досиеја од комунистичката ера во јавна онлајн база на податоци, овозможувајќи им на луѓето пристап до списоци со доушници и соработници што ги користеле поранешните служби за државна безбедност. Можеби тоа е онаа задоцнета „спомен плоча“ за жртвите, „кои на тој начин добиваат глас и место“, а „кодошите“ свое вистинско место во срамната историја на една држава. Ние ништо од никого на бараме. Ние продолжуваме да молчиме. За многумина идејата дека на општеството му е потребно такво прочистување или катарза по сето ова време создава чувство на непријатност и страв од можни реперкусии, што свесно се потхранува со цел некому да не му текне дека овој процес е нужен и „суштински предуслов“ за функционирањето на една транзициска демократска држава. Затоа, и по 35 години независна држава не е доцна да го избереме патот по кој ќе се движиме во иднина. Зашто оној по кој одевме досега е постхумниот живот на комунизмот.

Слични Објави