ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ МЕМЕДИ НА 14. ПАРЛАМЕНТАРЕН БЕЗБЕДНОСЕН ФОРУМ ВО ПАРИЗ

На покана од Националното собрание на Француската Република, а на иницијатива на француската делегација во ПС на НАТО, на 20 јуни 2019 г. во Париз се одржува 14. Парламентарен безбедносен форум, посветен на борбата против финансирањето на меѓународниот тероризам.

На Форумот од Собранието на Република Северна Македонија учествува потпретседателот на Собранието и член на Делегацијата на Собранието во ПС на НАТО, Весел Мемеди.

На Форумот се предвидуват суштински дискусии кои ќе ги допрат прашањата поврзани со корените и природата на тероризмот и терористичките закани, зајакнувањето на меѓународната стратегија на борбата против тероризмот, а особено понатамошно унапредување на домашната правна и оперативна легислатива, потоа справувањето со анонимните финансиски трансакции кои се можен извор на финансирање терористички дејствија, како и јакнење на ефективноста на меѓународната соработка во овој домен.

Се очекува учество на парламентарци од повеќе држави, безбедносни експерти од Интерпол, Франција, Германија, Израел, Аргентина, претставници на повеќе реномирани француски институти за безбедност и стратешки прашања и други поканети учесници.