|

Костадиновска-Стојчевска: Продолжуваме да се бориме против дискриминацијата, насилството и неправдата

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во честитката на социјалните мрежи по повод Меѓународниот ден на човековите права напиша дека „и после 75 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права таа останува цврста основа за заштита на основните права и слободи на сите луѓе, особено денес кога најсериозните прекршувања на човековите права се случуваат во сенка на многу конфликти ширум светот“.

„Почитување на принципот сите човекови права секому, секогаш и секаде, е универзална вредност врз која го градиме концептот Едно општество, во кое секој поединец има можност да го реализира својот целосен потенцијал без разлика на различностите. Сите сме еднакви, да градиме култура на човекови права. Секогаш да се водиме од нашата определба за нула толеранција за дискриминацијата и кршењето на човековите права“, истакнува министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска посочува дека „македонското општество во соработка со меѓународните партнери продолжува да ги зајакнува институциите и правната рамка и е на вистинскиот пат да стане европско општество, кое ги штити и промовира универзалните вредности во сите сегменти“.

„Продолжуваме да се бориме против дискриминацијата, насилството и неправдата и работиме на градење општества каде што сите имаат еднакви можности, во кое човековите права се неотуѓива реалност за секого, а не само обичен стремеж“, напиша Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во честитката на социјалните мрежи по повод Меѓународниот ден на човековите права.

Слични Објави