СДА Македонија: Вицепремиер на македонската Влада во функција на големосрпската агенда во Босна и Херцеговина
Странката на демократска акција на Македонија (СДА Македонија) денеска реагираше по повод учеството на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ на одбележувањето на 9 јануари – таканаречениот „Ден на Република Српска“, во организација на властите на овој ентитет во Босна и Херцеговина.
Од СДА Македонија потсетуваат дека 9 јануари е датум што Уставниот суд на Босна и Херцеговина го има прогласено за неуставен и дискриминаторски, особено кон бошњачкото и хрватското население.
„Македонскиот вицепремиер Иван Стоилковиќ учествуваше во одбележувањето на неуставниот 9 јануари, празник и датум кој е прогласен за дискриминаторски кон Бошњаците и Хрватите во Босна и Херцеговина“, се наведува во соопштението, пренесува Frontline.
СДА Македонија наведува дека за организаторите на овој настан се очекува Обвинителството на Босна и Херцеговина да поднесе соодветни пријави, особено по реакцијата на Канцеларија на високиот претставник, која, како што потсетуваат, оценила дека прославата претставува „јасно непочитување и неспроведување на конечните и обврзувачки одлуки на Уставниот суд“.
Во соопштението се посочува и дека од настанот во Бања Лука повторно биле испратени пораки за поделба на Босна и Херцеговина од страна на Милорад Додик.
„Прашањето е што вицепремиер во македонската Влада бара на нелегален настан од кој се испраќаат пораки за нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина“, наведува СДА Македонија.
Партијата тврди дека Стоилковиќ во Бања Лука бил во друштво на лица кои, како што наведуваат, се поврзани со санкции и судски постапки, меѓу кои Милорад Додик, Род Благојевиќ, Никола Шпириќ, Никола Селаковиќ, како и припадници на руската мото-група Ноќни волци, која се наоѓа на листата со санкции на Европската Унија.
СДА Македонија потсетува и на минатогодишната посета на Додик на Скопје, кога, според нив, бил примен во македонските институции без истакнување на државното знаме на Босна и Херцеговина.
„Ова сеќавање е доказ дека не станува збор за инцидент или изолиран скандал, туку за континуитет во политиката на македонските институции“, се наведува во реакцијата.
Во соопштението се изнесува став дека власта предводена од премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Силјановска-Давкова е, како што тврдат, „ставена во функција на големосрпската агенда“ во регионот.
СДА Македонија ги повикува сите демократски и про-западни политички субјекти во земјата јавно да го осудат, како што велат, однесувањето на вицепремиерот Стоилковиќ и да не се дава легитимитет на дејствија кои го доведуваат во прашање суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.
Со реакција за учеството на Стоилковиќ излезе и опозициската СДСМ.
До моментот на објавување, од кабинетот на вицепремиерот Иван Стоилковиќ нема официјална реакција на обвинувањата изнесени во соопштението.

