Повеќе од 120 руски дипломати протерани од ЕУ за два дена

/

Италија, Данска и Шведска им се придружија на сојузниците од ЕУ кои протераа руски дипломати поради војната во Украина, протерувајќи повеќе од 120 луѓе во изминатите 48 часа.

Протерувањето доаѓа во време на меѓународниот гнев поради убиствата во градот Буча, во близина на Киев.

„Протеравме 30 руски дипломати поради закана за националната безбедност“, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо.

Претходно, Данска соопшти дека протерува 15 руски „шпиони“ обвинети за шпионирање на нејзина територија. Владата ја осуди, како што ја нарече, „руската бруталност против украинските цивили во Буча“.

„Намерните напади врз цивили се воено злосторство“, се вели во извештајот.

Данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод рече дека дипломатските односи со Москва ќе се задржат и „затоа рускиот амбасадор и остатокот од амбасадата во Копенхаген не се вклучени во протерувањето“.

Набргу потоа, шведското Министерство за надворешни работи објави дека протерува тројца руски дипломати кои таму вршеле „незаконски операции“.

„Министерството за надворешни работи денеска одлучи да протера тројца руски дипломати кои не работат во Шведска во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи“, рече министерот за надворешни работи Ан Линде.

Извештаите следеа по слични чекори на сојузниците од ЕУ. Франција протера 35 руски дипломати во понеделникот, и Германија, каде што официјалните лица соопштија дека 40 дипломати биле испратени дома. Исто така во понеделникот Литванија соопшти дека го протерува рускиот амбасадор како одговор на „руската воена агресија“ и како што го нарече „ужасен масакр во Буча“.



Според агенцијата АФП, земјите од Европската Унија протерале повеќе од 230 руски дипломати откако Москва ја нападна Украина на 24 февруари.

На 29 март Русија соопшти дека како одговор протерува 10 дипломати од Летонија, Литванија и Естонија. Рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко денеска изјави дека „јасно е дека се работи за претходно координирана кампања“ и дека Москва „се разбира, ќе преземе одмазднички мерки“.

„Ова е удар за билатералните односи, за каналите за дипломатски разговори“, рече тој, додавајќи дека „последиците ќе се чувствуваат уште долго време“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика светот да воведе нови остри санкции кон Москва поради убиствата во Буча, кои тој ги опиша како „воени злосторства“ и „геноцид“.

Кремљ ги отфрли западните обвинувања дека руските сили се одговорни. Москва тврди дека фотографиите биле лажирани и дека  руските сили се повлекле од областа пред да бидат објавени снимките.

Европската Унија понуди да испрати истражители да соберат докази, а американскиот претседател Џо Бајден повика на „судење за воени злосторства“.

Извор: Temite

Претходна статија

Кузеска: Растат платите, пензиите и финансиската помош, го штитиме стандардот на граѓаните

Следна статија

Кремљ го предупреди Западот: Размислувајте со своја глава, ова е монструозно

Најново од Вести