ПРАЈВАТ КАСТИНГ (PRIVATE CASTING)

Private job е исто како handjob оти и за двете работи не е пожелно да се збори у јавност…

Диме пак му се закачи на Драги. Овој пат му замери за вториот докторат наведен во неговото официјално CV, објавено на владиниот сајт. Претходно велешанецот во свој пост објавен на facebook го нарече струмичанецот „некадарен студент“ и „гзолизач“. Не знам што делат двајцата горди воспитаници на Правниот факултет, ама знам дека тоа си е нивна приватна работа, за разлика од степенот на образование што ќе го наведеш откако ќе те назначат за генерален секретар на Влада.

Морам да ви признам нешто. Мојата скромна маленкост исто има „оперирано“ со нашминкано да не речам лажно CV. Се наоѓав во Лондон и морав да почнам било каква работа. За недоносени како мене (навистина сум недоносен, кажано повкусно „седмаче“), со ниво на англиски yes, no и OK, отворени беа само вратите на градежната индустрија во британската престолнина. А во Лондон не да се гради, абе направо си се цицки. Но да не излегувам од темата. Седнувам јас со баџанакот мој и за пола саат од неуспешен експеримент со просечна диплома по новинарство се претворив во 120 и нешто тежок работар,  кој има искуство од речиси 12 години, низ градежните објекти во неколку светски метрополи. Се сторив Чак Норис за општи работници. Сум помагал на мајстори од речиси сите занаети, од плочари до електричари. Мое CV моја работа, како што вика мојот драг колега Драги. Јас не можам да се пожалам од него, додека јас се влечкав на Правен, тој таму си беше фацка и ми се нашол еднаш два пати можда и више. Муабетов е друг.

Кога се курчиш со CV за да излажеш некој приватник да те вработи, приватникот кад тад ќе се сети дека напишаното на хартија и реалноста не се совпаѓаат и ќе ти ги удри клоците, ама во овој случај се работи за друго. Рашковски не е приватен паж на Заев, и како генерален секретар на Влада е на терет на буџетот на РМ, автоматски податоците што ги навел не се негова приватна работа, туку се работа на сите што ја плаќаат неговата плата, за која сум сигурен дека е многу поголема од минималната што ја изгласаа со закон.

Никој не му ги оспорува успесите на Драги Рашковски, ама ако веќе го поставиле на ваква одговорна позиција, би требало да биде малку поприбран со изјавите во јавност. А да, и ако имаат да делат нешто со Апасиев, ние закочените конзервативци го имаме лекот- можат да си организираат ферка во некој од амфитеатрите на Правен… ќе биде голема фешта.

Автор: Батко Тане