|

Пренџов: Порастот на цените на мало изнесува 9,6 отсто

Изминатиот месец имавме инфлација од 8,8 %, односно да бидам поконкретен, тоа што нас граѓаните најмногу нѐ интересира – порастот на цените на мало изнесува цели 9,6 %, посочи Љупчо Пренџов, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, на прес-конференција во Собранието.

„Пораст на трошоците за живот во март 2022 година во споредба со март 2021 година е забележан кај млекото, сирењето и јајцата за 7,4 %, лебот и житата за неверојатни 16,5 %, месото за 6,7 %, зејтинот за 21,6 %, овошјето за 13,2 %, зеленчукот за 17,7 % итн.

Понатаму, во март имаме пораст кај гасот за 37,8 %, течните горива за 72,6 %, електричната енергија за 9,4 %, топлинската енергија исто така за 9,4 %, угостителските услуги за 9,7 %, транспортните услуги за 18,5 % итн.“, истакна пратеникот.

Тој обвини дека цените растат, а како што рече, Владата нема стратегија.

„Почитувана јавност, уште не запролетило, а веќе имаме околу 200 милиони евра буџетски дефицит. Наспроти овој дефицит, имаме скромни 80 милиони евра капитални инвестиции. При носењето на буџетот за 2022 година од власта се фалеа дека оваа година ќе го реализирале златното правило за повисоки капитални расходи од буџетски дефицит, но само три месеци подоцна, бројките ги вадат на чистина дека се неспособни и дека немаат економски тим. Речиси два и полпати буџетскиот дефицит е поголем од капиталните расходи.

И ова не го зборува само опозицијата. Пред неколку дена излезе пролетниот извештај на Светската банка, според кој за Македонија се прогнозира најмал економски раст во регионот, односно додека на Македонија ѝ предвидуваат 2,7 % раст, на Албанија – 3,2 %, на Косово – 3,9%, на Србија – 3,2%, на Босна и Херцеговина – 2,9 %, на Хрватска – 3,8 %“, рече Пренџов, кој обвини дека владејачките структури се грижат само за нивната лична корист и токму затоа, како што рече, на Македонија и на македонското општество им се потребни избори што побргу.

Извор: Temite



Слични Објави