Претседателката на бугарскиот парламент Наталиja Киселова упати честитка до новиот игумен на Зографскиот манастир во Света Гора
Претседателката на Народното собрание на Бугарија, Наталија Киселова, упати честитки до новоизбраниот игумен на бугарскиот Светогорски манастир „Св. Великомаченик Георги Зограф“, јеромонах Гаврил, јавува БГНЕС. Во својата честитка, Киселова го истакна високото доверие што го ужива јеромонахот меѓу братството на манастирот, нагласувајќи дека тоа е признание за неговите лични и морални квалитети. Таа изрази уверување дека новиот игумен ќе го претвори ова доверие во добротворни дела во името на верата и зачувувањето на бугарските христијански светилишта.
Киселова му посака здравје, духовна радост и сила за успешна служба како игумен на оваа значајна духовна обител. Во писмото, таа ја изрази својата лична поддршка за иницијативите на братството на манастирот, кои имаат за цел зачувување на вредните изданија во библиотеката и збогатување на богатата иконописна ризница.
Новината за изборот на јеромонах Гаврил за игумен на Зографската света обител беше објавена на Лазарова сабота, а во понеделникот тој доби честитки и од претседателот на Бугарија, Румен Радев. Изборот на нов игумен следеше по смртта на архимандрит Амвросиј.
Јеромонах Гаврил, со световно име Георги Каратотев, е роден на 11 декември 1973 година во Софија. Во Зографската света обител пристигнал на 20 декември 1997 година, а монашки завет положил точно една година подоцна, на 20 декември 1998 година. За јеромонах бил ракоположен на 24 октомври 2003 година, а од почетокот на истата година речиси постојано бил прв епитроп на светата обител.
Зографскиот манастир, кој се наоѓа на Света Гора, е еден од најголемите манастири во регионот и зазема деветто место во хиерархијата на светогорските манастири.