ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА МЕЃУНАРОДНИОТ СОЈУЗ: Сѐ СЕ КРИЕШЕ ОД МЕНЕ, НЕ ЗНАЕВ ШТО ПОТПИШУВАМ

//

Агапи Дика, претседатеката на Собранието на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски, на сведочењето во судот рече дека потпишувала договори за проекти на здружението, но само формално. Таа рече дека одела во просториите на Меѓународниот сојуз на повик и не присуствувала на состаноците помеѓу компаниите „Дрим билдинг“ и „Пелистер“, а за сумите на договорите дознала откога биле потпишани. Таа посочи повеќе функционери и претставници на инсистуции, кои присуствувале на состаноците што ги одржувал Меѓународниот сојуз.

„Доаѓаа луѓе да нудат проекти. Не сум била присутна кога нуделе. Фросина доаѓаше во Меѓународниот сојуз неколкупати. Колку што јас сум ја видела. Сум ги видела и сопствениците на ‘Пелистер’ и на ‘Дрим билдинг’. Имаше многу добри презентации од двете фирми. Дојде до склучување договори. Се имам потпишувано на тие договори бидејќи верувам во тие проекти. Ги видов проектите, со архитетки од ‘Пелистер’ и Меѓународниот сојуз. Требаше да се почне со реализација, но не се почна. Меѓународниот сојуз беше тука за менаџирање во странство. Не знам од кои причини, не можам да се сетам. Доаѓаше Лилјана Тодоровска. Вториот пат Бојан ми рече да ѝ кажам да си оди, без да ми ја каже причината. Ми беше непријатно, но ѝ кажав. Се реализираа проекти, носевме храна на социјално ранливи категории. Не ми било кажано од каде пари за овие проекти, не сум учествувала во преговарање. Износите за ‘Пелистер’ и за ‘Дрим билдинг’ не ги знаев, подоцна ги дознав. Викнете ги сопствениците и прашјте ги. Можам да избројам колку пати сум била во Меѓународниот сојуз. Два пати кај Чифлиганец и тука сум присуствувала. Имаше плац во населбата Илинден и сакаше тука да прави старски домови. Отиде делегација да види, но земјиштето нешто не чинеше“, изјави Дика.

Дика објасни дека потпишала договор за стратешко партнерство и деловна соработка, но не знаела за сумата во договорот.

„Овие договори ги видов на телевизија и Зоран Божиновски ги имаше објавено. Двата договора беа потпишани во ист ден. Сум потпишала, но не сум знаела што потшишувам. Од мене сѐ се криеше“, рече Дика.



Таа објасни дека побарала да биде изземена од функцијата претседател на Собранието бидејќи таа била само формално напишана, но не учествувала во одлучувањето, ниту во работата.

„Со Бојан Јовановски бевме фамилијарно поврзани, а го знам од бебе, можам слободно да кажам дека израсна со нас. Бојан во Македонија беше познат во естрадата, правеше забавни емисии, шоуа, па отиде во Белград. Бојан се врати од Белград, бевме на гости кај Јасмина и Миле, дојде Бојан и рече дека сака да формира меѓународен сојуз за помош на социјални категории граѓани во Македонија. Набргу ми кажа дека онлајн е избран да го основа Меѓународниот сојуз во Македонија. За да се основа, требаше здружение. Асистентката Кристина ми донесе документ да потпишам за основач и го потпишав на улица на автомобил. На основачкото собрание на Меѓународниот сојуз беа присутни Стефан Богоев, Жерновски, Костадин Костадинов, мислам дека беше и Петре Шилегов, тогашниот англиски амбасадор, претставници на институции. Меѓународниот сојуз требаше да се занимава со помош на социјално ранливи категории. Мојата функција беше претседстел на Собранието. Првото Собрание го водев јас, но фактички како да не го водев. Кирил Ефремов беше како претседател на Бојан и тој ги правеше тие записници и други документи. Ме прекинуваше постојано, како тој да го водеше. Мислам дека Бојан ми кажа дека просториите треба да се околу Кривичниот суд. Но, беа кај ИЗИС. Јас бев на повик“, додаде Дика.

Претходна статија

ФЕВРУАРИ ЌЕ БИДЕ ПОКРИЕН СО ПЛАТИ, ЗА ДРУГОТО ЗАВИСИ ОД ПРАТЕНИЦИТЕ ВЕЛИ БИТИЌИ

Следна статија

ВО СКОПЈЕ ХОСПИТАЛИЗИРАНИ 71 НОВ ПАЦИЕНТ СО КОРОНАВИРУС ЗА ЕДЕН ДЕН

Најново од Вести