Претседателката Сиљановска-Давкова ѝ го предаде државното знаме на македонската параолимпијка Оливера Наковска-Бикова во пресрет на параолимпијадата во Париз
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими македонската параолимпијка Оливера Наковска-Бикова и тимот што ќе ја придружува на претстојните Параолимписки игри од 28 август до 8 септември во Париз.
На средбата со Наковска-Бикова, која е единствена македонска спортистка на Параолимписките игри, претседателката Сиљановска-Давкова беше запозната со подготовките, предизвиците и очекуваните резултати во трите стрелачки дисциплини во кои таа ќе се натпреварува.
Врачувајќи ѝ го државното знаме, што нашата спортистка ќе го развее на Параолимписките игри, претседателката Сиљановска-Давкова се осврна на извонредно значајните спортски достигнувања на македонските параолимпијци кога Бранимир Јовановски донесе злато од игрите во Барселона во 1992, Оливера Наковска-Бикова златен медал во 2012 година во Лондон, а Ванчо Каранфилов сребрен медал од олимписките игри во Атина во 2004 година.
Во таа насока, претседателката Сиљановска-Давкова изрази уверување дека и покрај нашето скромно учество, со само еден натпреварувач на параолимпијадата, македонската спортистка ќе оствари успеси што ќе бидат национална гордост.
Претседателката изрази задоволство од континуираната и посветена заложба на параолимпијците не само во достоинственото претставување на државата на најпрестижниот спортски настан туку и во надминувањето на препреките и стереотипите. Во тој контекст ја нагласи потребата македонското општество, институциите и поединци активно да придонесуваат во насока на подобрувањето на условите за нашите сограѓани со попреченост.
