ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ ГО ОХРАБРУВА ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ ДА ГИ ДОСТАВИ ПРЕДЛОГОТ ЗА ВОДЕЊЕ НА ПРЕГОВОРИ СО УСТАВНА ОСНОВА, НАЦРТОТ НА ДОГОВОРОТ, КАКО И СТАВОВИТЕ НА ДЕЛЕГАЦИЈАТА ВО ВОДЕЊЕТО НА ПРЕГОВОРИТЕ
Во недостиг на клучни документи, а со цел обезбедување на поширок консензус за прашањето за името, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов го охрабрува претседателот на Владата на Република Македонија г. Зоран Заев да ги достави предлогот за водење на преговори со уставна основа, нацртот на договорот, како и ставовите на делегацијата во водењето на преговорите.
Ставот на претседателот Иванов дека не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес е основен непроменлив принцип, што е во согласност со утврдената правна рамка за водење на разговорите за разликата околу името во рамките на Обединетите нации и во никој случај не е насочен против интеграцијата на Република Македонија во Европската унија и во НАТО.
Претседателот Иванов укажува на потребата од постигнување на национален консензус за надминување на разликата околу името и изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните.