Претседателот Радев ќе ја прими кандидатката за службен премиер на Бугарија Горица Грнчарова-Кожарева во 11 часот
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска на „Дондуков 2“ ќе ја прими кандидатката за службен премиер на Бугарија Горица Грнчарова-Кожарева. Ова ќе се случи денеска во 11.00 часот, локално време, јавува БГНЕС.
Од прес-службата на шефот на државата информираат само дека во исполнување на чл. 99, ст. 5 од Уставот, претседателот на 9 август ја именувал заменик-претседателката на Комората за ревизија за премиер по службена должност и ја задолжил да предложи состав на кабинет по службена должност. Не се наведува дали Грнчарова ќе му претстави на претседателот готов список со имиња, кои ќе бидат дел од новиот владин кабинет.
БГНЕС потсетува дека рокот за Грнчарова истекува денеска. Таа имаше една недела да разговара и да го направи својот избор. Најважната задача на преодната влада е организирање фер и слободни избори, а за тие да се одржат на 20 октомври, новиот владин кабинет треба да положи заклетва пред бугарскиот парламент најдоцна утре ( 20 август).
Досега министрите кои прифатија и најверојатно ќе ги задржат функциите во новиот кабинет се во ресорите одбрана, транспорт, култура, правда, финансии – Атанас Запрјанов, Георги Гвоздејков, Најден Тодоров, Марија Павлова, Људмила Петкова. Галин Цоков за образование и Галја Кондева за здравство се согласни да останат министри. Иван Кондов, пак, најверојатно ќе ја преземе функцијата министер за надворешни работи, која досега ја извршуваше службениот премиер Димитар Главчев.
Даниела Везиева, поранешната министерка за економија во кабинетот на Стефан Јанев изјави дека ќе ја прифати поканата од Гранчарова, но тоа зависи од условите кои ќе бидат поставени.
Привремениот министер за иновации и раст, Росен Карадимов, би прифатил да остане на функцијата, но тоа „ќе зависи од многу фактори“. Допрва ќе ги видиме имињата на 19-те министри.
