| |

Претставата „Едвард Втори“ во копродукција на театрите во Велес и Пловдив ја воодушеви охридската публика

Tеатарската претстава „Eдвард Втори”, синоќа ја имаше својата премиерна изведба на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Претставата во режија на украинскиот режисер Андриј Жолдак, е копродукција помеѓу театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ од Велес и Драмскиот театар „Николај Осипович Масалитинов“ од Пловдив, Бугарија.

„Крајниот конфликт на 21 век е конфликтот за превласт меѓу мажот и жената, и во текот на оваа претстава ќе видиме како тоа се одвива. Овие нишки се раскажуваат низ различни театарски форми, од психолошки вистинити ситуации до ритуален театар и од современиот физички театар до можниот театар на иднината. Во центарот на приказната се актерите кои се вистински личности и преку нив можеме да видиме и нешто за луѓето кои живеат денес, во 2023 година. Тука лежи и прашањето дали луѓето се смениле, од тие времиња до нашите денови, и ако се смениле, во кој правец ќе течат водите- вели режисерот Жолдак.

Драматург на претставата е Сашо Димоски. Сценографијата е на Андриј Жолдак и Даниел Жолдак, костимографијата – на Симон Мачабели и Раде Василев, а асистент – Никола Кимовски. Музиката е на Сашко Костов. За дизајнот на плакатот се погрижи Филип Коруновски.

Улогите ги толкуваат: Борис Крстев, Илин Јовановски, Јована Миладинова, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Бранко Михајлоски, Кире Ацевски, Никола Петковиќ, Сандра Танчева, Марија Баркова, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски и Тодор Стојковски.

На прес-конференција во рамките на фестивалот, Сашо Димоски рече дека е големо задоволството што „Охридско лето“ ја угостува премиерата на која макотрпно се работело два месеци.

„Станува збор за претстава со исклучително вредна авторка и актерска екипа. Макотрпно работевме цели два месеци во услови и на начини кои ги надминуваат рамките на она што досега за мене било поимање на создавањето театарски претстави, преку еден навистина интензивен, многу жесток процес преку кој стигнуваме до завршен резултат поразличен од сето она што нашиот театар досега го продуцирал пред сѐ“, кажа директорот Димоски.

Каква ноќ! Ултрамодерен театар, продукција која не е направена во нашите географски широчини!
Ново, различно, ризично и толку модерно! Борис Крстев е неверојатен, преку вибрација покажа нов и непознат „Едвард Втори“. Сите млади актери покажаа таква енергија и несомнени можности!
Васил Зафирчев е камелеон, беше лава од чувства емоции и движење! Сашо Димоски. Се вредеше благодарение на неговата визија и храброст! Жолдак и причината за она што се случи синоќа на сцената! Јована Миладинова Синоќа се роди ѕвезда! Што и да се каже е малку за нејзиниот настап!
Ја сакам и ја ценам мојата работа, која во такви ноќи има толку многу смисла! Им благодарам на сите што веруваат во мене и во Бугарскиот културно-информативен центар Скопје. Со вакви продукции Драмски театар-Пловдив и Театар Јордан Х.К. Џинот-Велес покажуваат дека не само што можеме да соработуваме одлично, туку и да реализираме културен проект достоен за најдобрите светски театарски сцени!, напиша на социјалната мрежа Facebook директорката на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје Антонија Велева.



Слични Објави