Превозот за студенти ќе биде бесплатен и во 2025 година, 120 милиони денари денес ќе му бидат префрлени на ЈСП
Денеска ќе бидат исплатени 120 милиони денари на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје за бесплатен превоз за студентите.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска соопшти дека последен пат кога МОН исплатил средства кон ЈСП е во 2021 година, а од тогаш до денес не била донесена одлука за субвенциониран превоз.
„Прашањето околу студентскиот превоз е решено. Денеска ќе бидат уплатени 120 милиони што е добра вест за сите студенти кои имаат потреба да полагаат во јануарската испитна сесија“, рече Јаневска.
Студентите и средношколците на денешната средба со министерката побараа од МОН и поголема дигитализација на учебници , подобрување на државната матура, како зголемување на бесплатниот превоз и за студентите на приватните универзитети.
Јавниот превоз во Скопје ќе продолжи да биде бесплатен за студентите и пензионерите и од утре ќе можат да се продолжат билетите.