| | |

Лицемерната загриженост на Муцунски нема да го спаси од одговорност

Пишува: Атанас Величков

Нема ништо порационално од тоа во третиот ден од „најдолгиот“ месец во годината јануари, шефот на дипломатијата да даде едно пространо интервју во кое да нѐ потсети сите нас даночните обврзници во оваа земја, дека и тој е жив и тој врши некаква работа. Вакво интервју е и повеќе од потребно, кога една од земјите „исконски непријатели“ на „опечалена“ Македонија веќе има само формална граница со друга земја од истиот список. Во интервју од таков тип, освен повторувањето на позициите, веќе до болка познати, треба да го има задолжителното „кревање на борбениот дух за стегање на редиците“, гарнирано со новата доза оправдувања и онаа класична лицемерна загриженост, за иднината на односите меѓу нас во улогата на кротки јагниња и оние другите во улогата на неевропски или по ново мизерни крвожедни волци.

Нема разумен човек во земјата, а и пошироко кој верува во искрената загриженост на Муцунски за наводната омраза што се создавала меѓу младите луѓе од двете страни на границата меѓу РС Македонија и Бугарија. Тоа е факт, кој треба да биде напишан, не само како одговор на интервјуто на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, туку и како приказ за тоа дека не сите граѓани на оваа земја се дел од клиентилистичко-обврзаниот круг на власта. Таквите граѓани ги имало и пред ДПМНЕ и СДСМ и ќе ги има откако тие две групации ќе заминат во историјата.

За никого веќе не е тајна дека владата на Мицкоски го нема како приоритет исполнувањето на обврските, прифатени со одобрувањето на т.н. европски компромис за почеток на преговорите на РС Македонија со ЕУ. Играта со „има разбирање за нашите позиции“, досега донесе одвојување на нашата земја од Албанија на патот кон приклучување кон Унијата. Нешто, што се случи, токму во времето кога Унгарија (најискрениот пријател на владата на Мицкоски) претседаваше со ЕУ. Дали таа игра ќе заврши со официјализиране на РС Македонија како дел од Српскиот свет по моделот на Вучиќ е прашање чиј одговор, Муцунски или некој негов следен наследник на министерската фотелја ќе мора да го даде. Затоа што граѓаните на РС Македонија, заслужуваат да го добијат.

Инфантилното оправдување „ние не сме идеални, ама се трудиме, кај други се крие вината“, е прекрасно како мотив за поетско остварување од типот на стилските трепети на Вапцаров „вината не беше наша, таа кај друг се крие“ и сл., но политика и држава не се водат со поезија. Државата не е ни вечен студент, кој секогаш ја наоѓа причината за своите неуспеси во „омразата“, која професорот ја има токму кон него. Државата е одговорност, пред се за оние, кои се нафатиле да ја раководат. Оти тие примаат плата за тоа и оти користат уште еден мал милион поволности, непознати за обичните граѓани.

Во овој ред на мисли, повеќе од небулозно е тврдењето дека владата овде, ќе почека да се формира политичка влада во Софија, за да се преговара нешто што веќе е договорено. Според елементарната логика, за таа идна влада во Софија, важат истите работи, како и за владата овде. Владата во Софија исто така треба да биде одговорна кон своите граѓани. Не само на внатрешен, туку и на надворешен план. Како Муцунски ќе ги убеди, своите колеги во Софија дека е загрижен за јазот што се создава меѓу луѓето, за омразата меѓу младите…? Оф рекордс ќе им рече: Добро, ајде и ние сме виновни, веќе нема така да правиме?! Таа стратегија веќе беше искористена од претходната постава на Илинденска бб.

Потребни се дела, кои не почнуваат и не завршуваат со еден чин на театарска претстава во Скопје или Софија. Дела, кои јасно ќе покажат дека договорите, колку и да не ни се допаѓаат, треба да се исполнуваат. Сериозните државници го знаат тоа, оние другите се оправдуваат.



Слични Објави