Притворот за сопствениците на фабриката во Трубарево продолжен за нови 48 часа
Кривичниот суд донесе одлука да им го продолжи краткотрајниот притвор на четворицата сопственици и управители на фабриката за електронски отпад во скопското село Трубарево, по предлог на Основното јавно обвинителство – Скопје.
Лицата беа уапсени во неделата навечер и спроведени пред судија на претходна постапка, кој првично им изрече мерка притвор во траење од 48 часа. Со новата одлука, нивниот притвор е продолжен за дополнителни два дена.
Според информациите од обвинителството, се работи за 56-годишен управител и сопственик на две компании, 22-годишна управителка на трета фирма, 42-годишен раководител на подружница и 59-годишен вработен во едно од правните лица.
Од ОЈО Скопје најавија дека денеска започнува увид на лице место за да се утврдат причините за пожарот кој ја зафати фабриката. Истражните дејствија ќе ги координира јавен обвинител.

