Нашите актуелни политичари се надвор од времето
Христо Михајлов
Воопшто не се поставува прашањето што ќе прочитаат нашите внуци по извесно време од пожолтените страници на историјата. Се покажа дека единствениот вистински филтер за историската реалност е времето во кое живееме. Историјата, всушност, претставува документирана фактологија за она што сме го правеле и за резултатите од нашата работа.
Ако ги анализираме последните 35 години – период што со некакво самозалажување го нарекуваме „преод“ или „време на демократија“ – ќе забележиме две клучни појави. Прво, се забележува духовна празнина и отсуство на јасна политика за духовен развој, иако токму духовната сфера е таа што создава и гарантира национален идентитет. Тоа води кон обезличување, демитологизација и постепено уривање на темелите врз кои би можеле да застанат идните генерации. Второ, во македонското општество се наметна чувство дека целиот овој 35-годишен период е обележан со корупција. Како да имаме „талент“ да доведуваме на власт луѓе за кои власта е само средство за лично збогатување, а граѓанинот – инструмент за експлоатација.
Ако го споредиме овој процес со тоталитарното владеење на Јосип Броз Тито, ќе забележиме повторување на историјата. Исти личности, исти кругови, ист начин на владеење се присутни децении наназад. Затоа, оваа политичка класа е целосно исцрпена и неспособна да даде нешто ново на општеството. Резултатот е дека ништо свето не остана, а најчестата народна утеха – дека „времето лекува сè“ – добива и друга димензија: времето може да биде и создател и рушител. Политичарите се однесуваат како да се надвор од времето, додека општеството останува заглавено во безвремие.
Секоја политика и промена се резултат на луѓе и нивниот избор. Но наместо достоинствени личности, граѓаните избираат луѓе без вистински професионални или морални вредности – сервилни партиски кадри чие единствено прибежиште се матичните партии. Луѓето на духот, кои би можеле да внесат смисла и вредност, ретко влегуваат во политиката, зашто не гледаат лична причина да жртвуваат веќе изграден живот, углед и семејна стабилност.
Во секојдневието, кризата е опиплива. Проблемот со отпадот во Тетово, Гостивар или Скопје е само симбол на поширокото „ѓубре“ – во управувањето, во политиката и во односите меѓу власта и граѓаните. Владата и понатаму ја користи моќта за предизборни манипулации, а сметката ја плаќа даночниот обврзник. Обичниот човек не е доволно богат за да плаќа двапати за истото ѓубре и истовремено да живее во него.
Затоа на идните избори потребна е радикална промена – исчистување на досегашното политичко „ѓубре“. Духовната криза е најдобар показател за состојбата во општеството, исто како што нарушувањето на еден орган во човечкиот организам предизвикува последици во целината. Денес сведочиме на алармантни симптоми: сиромаштија, неефикасно судство, криминал, несигурност, страв, корупција – која најчесто започнува на врвот на власта. Се создава мрачно чувство на недопирливост и целосна безвредност.
Излез сепак постои, но само ако постои цврста волја за промени: нетрпеливост кон злоупотребите, поефикасно судство и МВР, слободна економија, поддршка за талентираните и претприемачите. Тогаш духовната сфера повторно би можела да заземе централно место, а државата да се претвори во вистински општествен инструмент.
Спротивно на тоа, денес сме сведоци на секојдневни кражби, грабежи и насилства – речиси без казна. Властите ја оправдуваат немоќта со тврдења дека борбата со беззаконието е „тешка и долга“, но тоа е само навреда за граѓаните. Државата мора да обезбеди сигурност за луѓето, а не само за политичарите или криминалците.
Ако денес би изградиле споменик на распадот, тој не би имал потреба од дополнителни симболи – затоа што веќе постои. Тој е нашето секојдневие, до толку присутно што повеќе и не го забележуваме.

