ПРОДОЛЖУВААТ СУДЕЊАТА ЗА „МОНСТРУМ“ И ЗА „27 АПРИЛ“
Во Кривичниот суд денеска продолжува судењето за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година.
На минатото рочиште исказ даваа три вешти лица од МВР. Во претходна постапка, предмет на анализа биле возилата „опел омега”, „голф 3″, „фолксваген пасат”, „пежо 306″ и „мазда 626″.
Вештаците кажаа дека од извршените анализи на отпечатоци од прсти и траги на возилата, кај „пежо 306„ биле идентификувани траги на Алил Демири и на Самир Љута, кој подоцна е внесен во системот за анализа од СВР Скопје, додека кај трагите од „фолксваген пасат” биле идентификувани Алил Демири, Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири.
За овој случај на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите и случајот го презеде СЈО.
Денеска продолжува рочиштето за настаните од 27 април. На минатото рочиште беа читани СМС и вибер комуникации меѓу пратеници и обезбедувањето. Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

