| |

Промоција на стихозбирката „Патот за Гвадалахара“ на бугарската поетеса Поли Муканова во Скопје

На 14 ноември, од 19:00 ч. во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи промоцијата на стихозбирката „Патот за Гвадалахара“ на бугарската поетеса Поли Муканова. Промотор на настанот е Зоран Јакимоски, а модератор е Јулијана Величковска, прв човек на издаваштвото ПНВ Публикации/PNV Publishing. Токму тоа е и издаваштвото, што стои позади стихозбирката на Муканова за домашниот пазар.

„Патот за Гвадалахара“ е збирка поетски патокази што водат од една до друга земја, од минатото кон иднината, од сегашноста во сите правци, од површината на земјата до слоевите со крв натопени надолу, надолу… а погледот вперен кон небесата ‒ нагоре, нагоре! И, ако некогаш сите патишта водеа до Рим, во оваа збирка песни, Поли Муканова нѐ насочува кон човечкото срце ‒ нежно, меко, вљубено, носталгично, тажно, осамено, женско, храбро, доброќудно, надежно… а патоказите се многу, зашто ‒ „никогаш само една патека / никогаш само една насока / едно ли е срцето“?! вели Јулијана Величковска.

„Поезијата на Поли Муканова е сочна, приемчива, инспиративна, ослободена од секаков патос и патетичност таа се носи со предизвиците, со стил што е актуелен за мигот во којшто настанува и опстојува и којашто навистина има толку многу да му понуди и препорача на читателот“, вели промоторот Зоран Јакимоски.

Поли Муканова, поетеса, преведувач, универзитетски професор, е родена во Софијa. Предава историја на книгата и библиотеките, теорија на читањето и библиофилство на Универзитетот за библиотечно познавање и информатички технологии во Софија. Пишува поезија и кратка проза. Автор е на шест книги со фикција и две научни монографии. Од 2010 година е уредник на литературната веб-страница и издавачка куќа „Сбориште на трубадур“. Нејзини стихови се препеани на девет јазици. Во март, 2024 година го спроведува првиот курс во Бугарија по креативно пишување за библиотекари, на којшто учествуваат Аксинија Михајлова, Владимир Левчев и Лидија Димковска. Истата година, Поли Муканова, била единствената официјална учесничка на СВП од Бугарија. „Патот за Гвадалахара“ е нејзина трета книга издадена во Република Северна Македонија.



Слични Објави