|

Прва сесија на Буџетскиот форум: Граѓаните на Општина Центар го креираат општинскиот буџет

Општина Центар го започна процесот на планирање на буџетот за 2025 година со првата граѓанска форумска сесија, на која учествуваа градоначалникот Горан Герасимовски, раководителите на сите сектори на општинската администрација, советниците од Советот на општината, претставници на невладини организации и жителите на општината.

Градоначалникот Герасимовски во своето обраќање се осврна на досегашните постигнувања, а ги претстави и амбициозните проекти за наредната година: реконструкција на салата Работнички, улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“, и новата општинска зграда.

„Сакам да најавам голем проект кој го планиравме и кој беше дел од нашите ветувања – изградба на нова зграда на Општината. Убеден сум дека ќе успееме да најдеме време и финансии за да го отпочнеме овој значаен проект. Пред неколку недели заврши и конкурсот за идејно решение. Верувам дека со заеднички сили ќе успееме наредната година да ја отпочнеме ветената општинска зграда“, истакна Герасимовски.

На форумот граѓаните активно се вклучија во дискусијата, изнесувајќи предлози и барања, а потоа имаа можност да разговараат директно со претставниците од секторите за можните решенија.

Нивните предлози се однесуваат на воведување униформи за учениците, создавање единствена комуникациска е-платформа за училиштата во Општина Центар, општинскиот Црвен Крст Центар иницираше хуманитарни паркинзи, каде средствата собрани од паркирањето ќе бидат наменети за хумани цели, предложен е и посилен надзор врз детските игралишта, воведување мерачи за бучавата и комунална полиција.

Во делот на инфраструктурните проекти со општинската администрација граѓаните предложија, реконструкција на улицата „50 Дивизија“ и изградба на градинка на истата улица, ново основно училиште во населбата Дебар Маало 2 кај салата Партизан, целосна реконструкција на паркингот кај Дом на градежници, реновирање на патеката од ул. „Даме Груев“ до Палома Бјанка со замена на разнишаните плочки и нестабилните шахти, обезбедување безбедни коридори до училиштата и градинките со фокус на тротоарите без пристапност, замена на опремата во детските игралишта во Општина Центар, поплочување на улиците на Кале, како и подобрена пристапност за лицата со попреченост.

До крајот на годината ќе се одржи уште една финална граѓанска буџетска сесија, а во меѓувреме, предложените идеи и иницијативи ќе бидат разгледани и анализирани. Целта на овие форуми е да се обезбеди учество на граѓаните во планирањето и реализацијата на буџетот за 2025 година, преку креирање приоритети на транспарентен начин.

Слични Објави