Првата катедра за меѓународни односи во Бугарија одбележа 50 години постоење
Катедрата за меѓународни односи при Универзитетот за национално и светско стопанство (УНСС) во Софија ја одбележа својата 50-годишнина со свечена церемонија на која присуствуваа професори, студенти, дипломати и поранешни студенти, објави bTV. Основана во 1976 година, катедрата ги поставила темелите на универзитетското образование во оваа област во Бугарија.
На свеченоста во аулата „Максима“ присуствуваше и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, која ја нагласи важноста на подготовката на младите за дипломатската професија.
„Тоа е привилегија, но и огромна одговорност“, изјави таа, укажувајќи на потребата од добро подготвени стручњаци што ќе ја претставуваат Бугарија на меѓународната сцена.
Петрова-Чамова најави обновување на меморандумот за соработка меѓу Министерството за надворешни работи и УНСС. Таа изрази надеж дека повеќе дипломци од оваа студиска програма ќе најдат професионален ангажман во Министерството.
Раководителот на катедрата, доц. д-р Пламен Ралчев, истакна дека меѓународните односи не се ограничуваат на дипломатијата и надворешната политика, туку подразбираат разбирање на различните општества, нивните интереси и процесите што ги поврзуваат. Според него, предизвик е да се зачува стекнатото знаење и студентите да се подготват за постојаните промени во меѓународното опкружување.
Во рамките на програмата „Животна библиотека“, професорите Георги Генов, Динко Динков и Антон Прванов и доцентот Андреј Георгиев споделија спомени од наставата и размислувања за развојот на меѓународните односи. Четворицата добија почесни плакети за придонесот во развојот на катедрата.
Проф. Генов раскажа дека во првите години професорите самостојно ги разработувале наставните предмети, студентите учеле шест дена неделно, а за едно место конкурирале до девет кандидати. Проф. Динков се осврна на предизвиците што технологиите, виртуелниот простор и вештачката интелигенција ги поставуваат пред современата дипломатија.
Меѓу присутните беше и дипломатот од кариера и поранешен бугарски амбасадор Радко Влајков, еден од првите студенти на оваа студиска програма. На церемонијата присуствуваа и други поранешни студенти кои оствариле кариери како министри, амбасадори и пратеници.
Со едноминутно молчење им беше оддадена почит на починатите професори што придонеле за создавањето и развојот на катедрата, меѓу кои и нејзиниот прв раководител, проф. Љубен Георгиев, и проф. Лилија Каракашева.
По повод јубилејот беше создадена „Временска капсула“ со пораки до идните студенти и професори. Беше организирана и меѓународна научна конференција „Светот низ призмата на меѓународните односи – меѓу трајното и минливото“, посветена на современите меѓународни процеси и промените во светската политика.
