| |

Првиот нов воз од „Шкода“ за бугарските железници беше претставен во Софија, ќе сообраќа од летото

Првиот нов воз произведен од „Шкода“ беше претставен на Централната железничка станица во Софија од министерот за транспорт Корман Исмаилов. Се очекува возот да почне со сообраќај во текот на летото, по задолжителните безбедносни тестови, јавува БНР.

Бугарските железници (БДЖ) ќе добијат 19 од вкупно 25 нови композиции, додека останатите ќе ги користи приватен оператор. Возовите се наменети за приградски превоз, достигнуваат брзина до 160 км/ч и се дел од инвестиција вредна околу 327 милиони евра.

Според поранешниот министер за транспорт Гроздан Караџов, новите возови нудат повисоко ниво на безбедност: „Овие возови превезуваат поудобно, попрецизно и побезбедно, а нивната електроника може автоматски да реагира и да го запре возот при ризик од несреќа“.

Министерот Исмаилов истакна дека станува збор за значаен чекор во модернизацијата на железничкиот систем: „Возовите ќе се движат удобно и брзо. Се надевам дека особено младите ќе ги користат овие нови услуги“.

Новите композиции нудат поголема удобност, пристап за лица со намалена подвижност и безжичен интернет. Испораките на новите возови ќе продолжат на секои две недели.

Слични Објави