Работниците на „Паркови и зеленило“ со нова блокада: Сè уште без септемвриски плати, најавуваат радикализација на протестот
Револтирани поради тоа што и по еден месец чекање сè уште не им се исплатени платите за септември, вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ и во двете негови фирми-ќерки – „Флораком“ и „Луна“, утрово од 7 до 9 часот го блокираа влезот во претпријатието.
„Сè уште нема пари на нашите сметки, а директорот постојано е недостапен за нас“, велат незадоволните работници, кои предупредија дека доколку не добијат исплата во најбрз можен рок, ќе преминат на порадикални мерки.
Протестот, велат тие, ќе се прошири и на дел од сообраќајниците низ главниот град, со цел, како што нагласуваат, „јавноста конечно да види во каква состојба е доведено претпријатието“.
Претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, потврди дека проблемите не застануваат само на неисплатената плата.
„Вработените сè уште немаат земено ниту регрес за годишен одмор, јубилејни награди или отпремнина за пензионирани лица“, изјави Кашиковски.
Според него, Синдикатот веќе поднел пријави до Државниот инспекторат за труд, како и кривична пријава против директорот на претпријатието поради неисплатениот К-15.

