Радев: Апостолот ни ја остави како завет вербата дека, без разлика на времето и околностите, можеме да бидеме ковачи на сопствената судбина
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, ја честиташе 188-та годишнина од раѓањето на Васил Левски и 80 години од прогласувањето на населеното место Левски за град, истакнувајќи дека делото на Апостолот на слободата е вечен пример за сите генерации.
„Апостолот ни ја остави како завет вербата дека ниту една стихија, ниту една судбина не може да биде посилна од нас самите. Без разлика на времето и околностите, можеме да бидеме ковачи на сопствената судбина,“ порача Радев пред граѓаните на градот Левски.
Тој потсети дека предците на жителите со голем ентузијазам кон крајот на 19 век го исполниле својот сон нивниот град да го носи името на Васил Левски, градeјќи го како симбол на духот на младата Бугарија, стремежот кон модернизација и напредок, но и почитта кон историјата и традициите.
„Нашата вековна гордост како Бугари извира од нераскинливата врска со Апостолот на слободата. Делото на Левски не е само спомен од минатото – тоа е морален компас кој нè следи секојдневно и ја предизвикува нашата совест,“ истакна претседателот.
Радев изрази уверување дека секоја година на 18 јули плоштадот во Левски ќе продолжи да се исполнува со чекорите на благодарните потомци, кои ќе доаѓаат да се поклонат пред идеалите и доблестите на Левски.
На крајот, претседателот се заблагодари на градоначалничката Љубка Александрова и на жителите на градот „за нивната чесна работа и достоинство со кои секојдневно го одржуваат чистото име на Апостолот“.
„Поклон пред делото на Васил Левски! Честит празник на сите! Да живее Бугарија!“ порача Радев.
