Радев доби покана од Трамп Бугарија да се приклучи кон Советот за мир
Бугарскиот претседател Румен Радев доби писмо од претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, со кое се упатува покана Бугарија да им се придружи на земјите-основачи на Советот за мир, инициран од американскиот претседател, а претседателот Радев да ја претставува Бугарија во идната меѓународна организација. Ова го соопштија од прес-службата на бугарскиот претседател.
Формирањето на Советот за мир по иницијатива на претседателот Трамп има за цел да ја поттикне меѓународната соработка за постигнување мирно решение на воените конфликти во Газа и во други региони, се наведува во соопштението.
Во својот одговор до претседателот на САД, бугарскиот шеф на државата ја нагласува важноста на мировните иницијативи на Трамп за деескалација на низа воени конфликти. Радев изразува надеж дека поддршката што ја дава Доналд Трамп за улогата на дипломатијата ќе доведе до постигнување одржливи мировни решенија во Газа и на глобално ниво. Претседателот Радев, исто така, го истакнува признанието за бугарската дипломатија со назначувањето на бугарски дипломат за Врховен претставник за Газа во Советот за мир, соопштија уште од прес-службата.
Оттаму додаваат дека во својот одговор бугарскиот шеф на државата прави и осврт на актуелната политичка состојба во земјата – поднесените оставки од владата по масовните протести низ целата држава, како и неговата сопствена оставка од претседателската функција, со цел директно да се ангажира во заздравувањето на државноста во Бугарија, зајакнувањето на владеењето на правото и обновувањето на дијалогот меѓу институциите и граѓаните. Румен Радев изразува очекување дека во блиска иднина Бугарија ќе располага со потребната стабилна институционална средина за продолжување на плодната соработка со САД, во интерес на заедничките напори за зачувување на мирот и безбедноста.
БТА потсетува дека Белата куќа започна со формирање на таканаречениот Совет за мир во Газа, при што во последните неколку дена беа објавени имињата на раководителите на телото, а истовремено беа упатени покани до повеќе држави да ѝ се приклучат на новата организација. Белата куќа минатата недела соопшти дека бугарскиот дипломат Николај Младенов ќе ги извршува функциите на Врховен претставник за Газа. Членови на одборот се државниот секретар на САД Марко Рубио, зетот на Трамп – Џаред Кушнер, претседателот на Светската банка Аџај Банга и други.

