Радев ги прими македонските Бугари-Бугарија решително застанува зад нивната борба за рамноправност

//

Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска во својот кабинет во Софија ги прими претставниците на организациите на македонските Бугари и на партијата Граѓанска демократска унија. Во соопштението од неговиот кабинет се наведува дека ова е прва ваква посета на Софија.

„Македонските Бугари, нивната рамноправност во политичкиот, општествениот, културниот и економскиот живот во РС Македонија и стриктното исполнување на Договорот за пријателство од 2017 година се клучот од вратата на Европската унија“, наведува Радев.

Тој, како што се наведува во соопштението, нагласил дека Бугарија решително застанува зад македонските Бугари во нивната борба за рамноправност со сите останати народи во РС Македонија.

„Тоа е позицијата на која претседателот Радев остана категоричен и пред лидерите на европските институции и пред лидерите на земјите членки на Советот на ЕУ за прашањата за проширувањето на шести октомври“, објави претседателскиот кабинет.

На шести октомври, датум кој го споменува бугарскиот претседател, се одржа самитот Западен Балкан-ЕУ во Брдо кај Крањ. Во неговите рамки Радев имаше две средби со македонскиот премиер Зоран Заев. На едната присуствуваа првите луѓе на Франција и на Германија, Емануел Макрон и Ангела Меркел, а на другата претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен,



Радев во соопштението по денешната средба наведува и дека е во тек процес на формулирање на нова политика кон Република Северна Македонија, со што во рамки на постоечките ставови на бугарскиот Парламент, се става посилен акцент на благосостојбата на македонските Бугари.

„Посебно место во оваа политика ќе заземат прашањата за бугарското државјанство, кои ги засегаат Бугарите во светот воопшто. Добивањето на бугарско државјанство треба да се олесни и забрза и од управна постапка да се претвори во свечен акт. Бугарското државјанство е и државјанство на Европската Унија и тоа треба да биде причина за гордост“, рече Радев.

Инаку по самитот во Словенија на шести октомври во тек се консултации меѓу двете држави за таканаречениот план 5+1 кој ги опфаќа прашањето на краткото име, прашањето на говорот на омраза, на рехабилитација на жртвите на комунизмот, на работата на историската комисија, на немешањето во внатрешните работи на Бугарија, на кое што се надоврзува и прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот.

Претходна статија

СДСМ: Салата „Расадник“ пропаѓа, а семејните фирми на Данела Арсовска развиваат бизнис со хотели

Следна статија

Вчера вакцинирани 6.089 граѓани, најмногу од нив примиле трета доза

Најново од Вести