Радев- Каво Драгоне: Забрзување на изградбата на поврзувачката инфраструктура во регионот- Коридор 8, цевководот за гориво на НАТО и поврзаноста преку реката Дунав
Главниот предизвик пред вооружените сили е како најефикасно да се трансформираат политичката волја и издвоените средства во адекватни одбранбени способности. Ова го изјави претседателот Румен Радев на средба со претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, кој е во посета на Бугарија. На разговорот на „Дондуков“ 2 присуствуваа и началникот на одбраната, адмирал Емил Ефтимов, како и воениот претставник на началникот на одбраната во Воениот комитет на НАТО и Воениот комитет на ЕУ, генерал-леjтенант Јавор Матеев, соопштија од прес-службата на претседателот, пренесува БГНЕС.
Државниот глава го истакна стремежот на Бугарија да продолжи да се етаблира како фактор на стабилност во регион опкружен со бројни кризи – војната во Украина, воените дејства на Блискиот Исток, тензиите на Западен Балкан и други регионални предизвици. Тој го нагласи и значајниот придонес на Мултинационалната борбена група на НАТО со рамкова држава Италија во земјата, како и заедничката работа за зајакнување на соработката во Црноморскиот регион.
Напорите за изградба на современи одбранбени способности може да бидат ефективни само доколку имаат поддршка од општеството, посочи претседателот Радев. Од своја страна, адмирал Џузепе Каво Драгооне потенцираше дека зголемените средства за одбрана во рамките на НАТО треба разумно да се трошат и да го вклучуваат развојот и целосното користење на индустрискиот капацитет на земјите членки.
Развојот на одбранбената индустрија треба да се смета како дел од одбранбениот капацитет, нагласија претседателот и претседателот на Воениот комитет на НАТО. Во таа насока, Радев посочи дека Бугарија има искуство и воспоставени традиции на светските пазари во одредени сектори, меѓу кои производството на муниција, стрелечко оружје, дронови и анти-дрон системи. Во рамките на НАТО, треба да се стремиме кон потесна интеграција на одбранбената индустрија уште во почетните фази на развој и производство на одбранбена техника, за да не се продлабочува поделбата меѓу државите-производители и државите-потрошувачи на одбранбени производи, додаде Радев.
Како клучен предизвик не само за Бугарската армија, туку и за вооружените сили во Европа, државниот глава го посочи недостигот на кадар. Затоа, Радев повика да се разгледа воведување на стандарди во НАТО за привлекување и обука на воен персонал.
Заеднички беше ставот дека изградбата на одбранбени способности не се исцрпува со напорите на вооружените сили, туку безбедноста и одбраната се поврзани и со економските процеси, конкурентноста на бизнисот, поврзаноста и сигурноста на синџирите на снабдување. Радев повика НАТО да вложи последователни напори за забрзување на изградбата на поврзувачка инфраструктура во регионот, вклучително и проектот за цевководот на Алијансата за транспорт на гориво, завршувањето на Транспортниот коридор 8 и поврзаноста преку реката Дунав.
