| |

Радев: Постојат услови за продлабочување и проширување на економската соработка меѓу Бугарија и САД

Бугарскиот премиер Румен Радев повика на поголеми американски инвестиции во центри за податоци, фабрики за вештачка интелигенција, роботика, мехатроника и полупроводници, на деловна средба со членови на Американската трговска комора во Бугарија во Софија, јавува БТА.

Радев оцени дека технолошкиот потенцијал на Бугарија, стратешкото партнерство со САД и политичката стабилност создаваат услови за проширување на економската соработка во високите технологии. Тој посочи дека трговската размена меѓу двете земји минатата година пораснала за 40 отсто.

Премиерот рече и дека Бугарија е подготвена да пренесува поголеми количества американски течен природен гас кон Централна и Источна Европа и дека се водат разговори за заедничко договарање на потребните количества гас на земјите од регионот.

Според Радев, енергетската инфраструктура, вишокот електрична енергија и растечкиот удел на зелена енергија се предност за привлекување инвестиции во центри за податоци.

Претседателот на Американската трговска комора во Бугарија, Томи Вер Елст, оцени дека земјата има добра основа за одржлив економски раст. Тој наведе дека повеќе од 100 американски компании работат во Бугарија и обезбедуваат над 40.000 работни места.

Како приоритетни области за соработка Вер Елст ги посочи економијата, енергетиката, дигиталната трансформација, вештачката интелигенција, образованието, одбраната и безбедноста.

Слични Објави