Радев утре во посета на Тирана за Самитот на ПСЈИЕ – Бугарија го презема претседавањето со Процесот
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, утре ќе престојува во Тирана, Албанија, каде ќе учествува на Самитот на шефовите на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
По пленарната сесија на форумот, бугарскиот претседател ќе го прими симболичното ротационо претседателство со ПСЈИЕ од албанскиот претседател Бајрам Бегај, соопштија од прес-службата на бугарскиот државен врв.
Бугарија ќе го преземе раководењето со Процесот од 1 јули 2025 година до 30 јуни 2026 година.
ПСЈИЕ претставува регионален форум за соработка, инициран на Софиската средба на министрите за надворешни работи на земјите од Југоисточна Европа на 6 и 7 јули 1996 година, на која беше усвоена Софиската декларација за добрососедски односи, стабилност, безбедност и соработка на Балканот.
До денес, Бугарија три пати го има претседавано ПСЈИЕ (1996–1997, 2007–2008 и од 1 јули 2015 до 30 јуни 2016 година). Претстојното претседателство ќе се совпадне со 30-годишнината од основањето на Процесот.
Во рамките на посетата на Тирана, претседателот Радев ќе оствари билатерална средба со албанскиот претседател Бајрам Бегај. Предвидени се и други средби со лидери на делегации кои учествуваат на Самитот на ПСЈИЕ.

