Расте бројот на жртви во рударската несреќа во Кина, многумина се водат како исчезнати
Најмалку четири лица загинаа, шест се повредени, а 49 се водат за исчезнати при уривање на рудникот за јаглен во северна Кина во средата, објавија државните медиуми.
Триста пожарникари за спасување, со 60 противпожарни возила и шест кучиња трагачи и спасувачи, денеска се на терен и трагаат по затрупаните рудари, пишуваат кинеските медиуми, пренесува Ројтерс.
Државната здравствена комисија во средата вечерта соопшти дека шест повредени лица се спасени и дека испратила 15 амбулантни возила со 45 медицински работници да помогнат во спасувањето.
Несреќата се случила во средата во автономниот регион „Внатрешна Монголија“, во отворен рудник во сопственост на компанијата за ископ на јаглен во Ксинџијанг.
Кинескиот претседател Шји Џјинпинг нареди пребарување и спасување во средата, објавија државните медиуми.
„Мораме да ги вложиме сите можни напори за да ги спасиме исчезнатите лица и да ги лекуваме повредените“, рече Шји. Премиерот Ли Кечијанг, исто така, побара брза истрага за причините за колапсот.
Локалните власти денеска итно наредија рудниците за јаглен во неколку големи рударски региони во Кина да извршат безбедносни инспекции, особено во површинските рудници. „Внатрешна Монголија“ е најголемиот регион за производство на јаглен во Кина.
Јагленот е главниот извор на енергија во Кина, но рудниците се меѓу најсмртоносните во светот, главно поради слабото спроведување на безбедносните стандарди, и покрај повторените владини наредби за подобрување на безбедноста во текот на годините, според Ројтерс.