РАТИФИКАЦИЈА НА ВЛЕЗОТ ВО НАТО
Собранието денеска ќе гласа за предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, но со одложено дејство. Останува уште Шпанија да ја заврши работата и Македонија да стане 30 членка на НАТО.
Пратениците денеска ќе го ратификуваат Северноатлантскиот договор, но овој документ е со одложено дејство, односно ќе има важност откако и последната земја членка на Алијансата ќе го стори тоа. Останува уште Шпанија да го ратификува протоколот и Македонија да стане 30 земја членка на НАТО. Гласањето за овој договор со одложено дејство е затоа што Собранието треба да се распушти пред одржувањето на предвремените парламентарни избори предвидени за 12 април.
Се очекува партиите едногласно да го ратификуваат договорот, оти и опозицијата се изјасни дека го поддржува влезот во Северноатлантскиот Сојуз. За ратификацијата во македонскиот парламент потребно е обично мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ први ја пласираа идејата за предвремена ратификација, повикувајќи се на искуствата на Црна Гора. Во 2017 Црна Гора предвремено го ратификуваше договорот за нејзино членство во НАТО, пред договорот да го усвојат Холандија и Шпанија, јавува Радио Слободна Европа.
По седницата, пред зградата на Собранието и официјално ќе биде подигнато и знамето на НАТО.
Договорот за членство беше потпишан пред една година во седиштето на Алијансата во Брисел. На 6 февруари минатата година, по потпишувањето на договорот, министерот за надворешни работи Никола Димитров изјави дека Македонија веќе не е сама, сега има 29 сојузници. Потоа останатите земји членки на Алијансата го ратификуваа протоколот, а поради политичката криза во Шпанија и изборите, се уште се чека на зелено светло од нив.
Властите во земјава очекуваат Шпанија да го ратификува протоколот во март. Според процедурите во Шпанија предлог законот за ратификација прво поминува во комисијата за надворешна политика, а потоа и во двата дома на Парламентот, за на крај Кралот да го потврди тоа што Претставничкиот дом и Сенатот го усвоиле и законот да стапи во сила. Потоа протоколот се испраќа во Стејт департментот на САД и завршува процесот.
Пред седницата за ратификација на протоколот, која е закажана за 15 часот, претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе има куси средби со гостите од регионот кој се поканети да ја следат седницата. Свечената седница ќе ја следат делегации од парламентите на Црна Гора, Албанија, Бугарија, од Парламентарното собрание(ПС) на НАТО и од хрватската делегација во ПС НАТО.
Целиот напис прочитајте го овде.